Британците ѝ оддаваат почит на кралицата – се очекуваат гужви, редици и чекање цела ноќ (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
203 прегледи

Ожалостените кои ќе сакаат да ѝ оддадат последна почит на кралицата Елизабета Втора во Вестминстерската палата во Лондон, се предупредени да очекуваат долги редици, јавува Би-Би-Си.

Објавени се деталите за тоа како луѓето можат да присуствуваат на оддавањето почит, кога посмртните останки ќе бидат изложени во Вестминстерската палата.

Се очекуваат огромни гужви, а оние што планираат да присуствуваат на историскиот настан можеби ќе треба да чекаат ред со часови, дури и цела ноќ.

На луѓето им се препорачува да носат храна, пијалок и соодветна облека.

Оддавањето почит ќе започне во среда во 17:00 часот и ќе продолжи до понеделник, 19 септември во 6:30 часот, денот кога е закажан погребот на кралицата.

Последен пат во палатата беше одржано оддавање почит на член на кралското семејство во 2002 година кога почина мајката на кралицата, а околу 200.000 луѓе тогаш чекаа во ред за да поминат покрај ковчегот.

Доцнење на јавниот транспорт и затворање на патиштата се очекуваат во областа околу палатата, јави Би-Би-Си.

Елизабета Втора (96) почина на 8 септември во Балморал.

Нејзиниот погреб ќе се одржи на 19 септември во Лондон, а во меѓувреме нејзиниот најстар син Чарлс е прогласен за британскиот крал Чарлс Трети.

Поворката со ковчегот на британската кралица пристигна во неделата во палатата Холирудхаус, официјалната резиденција на британските монарси во Единбург, пред која се собраа голем број луѓе.

Слични содржини