Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека приоритет на Владата е да ги заштити Србите на Косово.
Таа изјави дека не може да има компромис кога станува збор за животите на луѓето и дека се што направи косовскиот премиер Албин Курти во 2022 година покажа дека тој не ги почитува „основните човекови права на Србите, но и на другите неалбанци на Косово.“
„Годината започна со укинување на правото на глас за Србите, а завршува со киднапирање на невини Срби и забрана за влез на патријархот Порфирије“, рече премиерката.
Таа посочи дека Србија и Србите имаат мир „само благодарение на претседателот (Србија Александар) Вучиќ“.
Зборувајќи за европскиот пат, Брнабиќ оцени дека тој пат е најдобар за Србија и дека е во најдобар интерес на народот.
„Колку и да не мачат лицемерието и двојните стандарди и колку и да е тешко да се зборува за владеење на правото, без владеење на правото на страната на ЕУ во однос на почитувањето на Договорот од Брисел, не смееме да се откажеме од преговорите и дипломатијата“, рече таа.
Како што додаде таа, речиси 70 отсто од трговската размена на Србија е со земјите-членки на ЕУ.