Бројот на активни случаи се зголемува, епидемиолозите најавуваат тешка пандемиска зима

од Берта Китинска

Бројките на новодијагностицирани со Ковид 19 растат, вакцинацијата за прва доза речиси замре, ретко кој носи заштитни маски и затоа не очекува тежок зимски период прогнозира епидемиологот Сашо Олумчев за Сител. Тој вели дека пикот на четвртиот бран допрва доаѓа.

-Тешка зима ќе биде бидејќи мислам дека прерано се олабавивме. Но имаме уште еден месец да се вратиме на колосек и да се однесуваме како што треба..во спротивно, во јануари не очекува тежок удар, тешка борба, вели  Олумчев.

Кафеаните и кафулињата и во вториот и третиот бран беа место каде што народот „природно се имунизираше“. Сепак, многу од нив веќе не се меѓу нас или имаат тешки последици, вели микробиологот д-р Никола Пановски во утринската емисија на ТВ Телма.

Според него, мерките треба да се прават за да се спречи ширењето.

-Треба да се вратиме на повторна кампања и за вакцина и за заштита на луѓето. Народов заборави да носат маски и навистина не го разбирам ова со рестораните и свадбите во затворен простор. Очекувам покачување на бројот на заразени до 1000 случаи, со тоа што вториот пик ќе биде на почетокот на ноември. До Нова година ќе се смири состојбата, додава Пановски.

Ноќните клубови и дискотеките можат да работат со 50 отсто од капацитетот на објектот, одлучи Владата. Од 15 ноември влез во затворени објекти, кафулиња и трговски центри ќе биде дозволен само за вакцинирани лица со две дози или прележан ковид-19 во  изминатите 45 дена.

Како што информираат од Владата новите мерки се донесени согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, на предлог на Комисијата за заразни болести.

-Се дозволува организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот. Се дозволува работа на барови и ноќни клубови – дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот, велат од Владата.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, активни се 6.395 случаи од кои најголем број се во Скопје 3203. Во Куманово има 455 активни случаи, во Велес 328, во Прилеп има 257, во Битола 216, во Кавадарци 211, во Штип 207, во Охрид 192…

 

Слични содржини