Бројот на заболени од грип опаѓа, здравствените власти повикуваат на претпазливост

Бројот на новорегистрирани случаи на грип и заболувања слични на грип во земјава втора недела по ред е во опаѓање, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје.

од desk4
8 прегледи Фото: Принтскрин

Сепак, надлежните предупредуваат дека е прерано да се заклучи дека сезонскиот пик е надминат и апелираат граѓаните и натаму да ги почитуваат препораките за заштита.

Според официјалните податоци, во текот на четвртата недела од 2026 година, во периодот од 19 до 21 јануари, пријавени се 1.708 случаи на заболени од грип и гриполики заболувања, што претставува намалување од 17,2 проценти во однос на претходната недела, кога беа евидентирани 2.062 случаи. Во споредба со истата недела од минатата сезона, бројот на заболени е помал за девет проценти, а во однос на просекот од последните 15 сезони за 33,4 проценти.

Најголем број заболени се лица на возраст меѓу 15 и 64 години – 1.029 случаи, по што следуваат лицата над 65 години со 253 случаи. Кај децата, регистрирани се 243 случаи кај возрасната група од 5 до 14 години и 183 случаи кај деца од 0 до 4 години, при што највисока инциденца се забележува токму кај најмладата популација до 14 години.

Во однос на географската распределба, многу висока активност на вирусот е регистрирана во Дебар и Кратово. Висока активност има во Охрид, Кавадарци и Струмица, додека во девет градови е забележан среден интензитет. Во 12 градови се евидентира сезонска активност, а во два града, многу ниска.

Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека во моментов во државата е присутен среден интензитет на вирусна активност. Оттаму апелираат граѓаните да избегнуваат престој во затворени простории со голем број лица, а доколку тоа е неизбежно, да користат заштитна маска. Посебен апел е упатен до ранливите категории, повозрасните лица, хронично болните, децата и трудниците.

Здравствените власти препорачуваат лицата кои имаат симптоми или кај кои е дијагностициран грип да останат дома и да се придржуваат до советите на матичните лекари, а децата со симптоми да не се носат во училиште, со цел да се спречи понатамошно ширење на вирусот.

И покрај намалувањето на бројките, од Институтот предупредуваат дека тоа не значи дека сезоната е завршена и дека можно е повторно зголемување на бројот на заболени, како што било случај и во претходни сезони.

Во текот на оваа сезона, Институтот за јавно здравје евидентираше три смртни случаи кај лица заболени од грип.