Бројот на загинати во рускиот ракетен напад врз селото Хроза во североисточна Украина се зголеми на 59, откако полицијата ја заврши идентификацијата на жртвите, изјави денеска украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко.
Украина соопшти дека руска ракета погодила кафуле во село во регионот Харков минатата недела, кога луѓето се собрале да ја одбележат смртта на украински војник.
Клименко на Телеграм напиша дека руските сили истрелале ракета „Искандер“ кон селото Хорза и дека загинале 59 лица.
„Сите жртви се локални жители, тоа беа пензионери, лекари, земјоделци, наставници, претприемачи. Сите тие беа цивили. Убиени се цели семејства од неколку генерации“, рече Клименко, пренесе „Ројтерс“.
Бројот на жртви во Хорза е еден од најголемите меѓу цивилите од почетокот на војната во Украина.
Форензичарите шест дена деноноќно работеле на идентификување на жртвите.
Украинската служба за безбедност (СБУ) обвини двајца локални жители, за кои рече дека побегнале во Русија, дека откриле информации кои го овозможиле ракетниот напад, пренесува „Танјуг“.