На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ патниците ќе можат да направат брзи Ковид-19 тестови. Услугата ќе се реализира преку соработка на „ТАВ Македонија“ и Клиниката „Жан Митрев“ односно нејзината лабораторија за генетика и персонализирана медицина, што ќе врши брзи антигенски тестови.
„Од утре (сабота, 8 мај), на аеродромот Свети Апостол Павле Охрид поставен е пункт за Ковид-19 тестирање на клиниката Жан Митрев, кој се наоѓа во непосредна близина на влезот на терминалната зграда.
Пунктот за ковид-19 тестирање ќе работи секој ден кога ќе има летови до земјите кои бараат негативен брз антигенски тест, 4 часа пред времето на поаѓање до секоја од дестинациите“, се наведува во соопштението од „ТАВ Македонија“.
Од компанијата уште нагласуваат дека со оглед на моменталната состојба во која земјите од ЕУ/Шенген зоната постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со Ковид-19 и имајќи го предвид фактот дека секоја земја независно прави промени во однос на ограничувањата за патување за граѓаните на Република Македонија, препорачливо е патниците пред нивниот лет да ги проверат најновите барања за патување со нивната авиокомпанија и Амбасадата на земјата во која планираат да пристигнат.