Партијата „БСП за Бугарија“ на Корнелија Нинова предложила да се изгласа нацрт-декларација во бугарското Народно собрание во врска со, како што велат, антибугарскиот наратив во Македонија.
Пратеникот од истата партија, Иван Ченчев во изјава од собраниската говорница истакнал дека вчера бил нападнат претседателот на Здружението на Бугарите „Шемето“ во Струга.
-Претепаа човек кој нема бугарски пасош, но има бугарска самосвест. Претепале човек само затоа што се изјаснил како Бугарин, истакнал пратеникот, пренесуваат бугарските медиуми. Ченчев потсетил и на случајот со охриѓанецот Христијан Пендиков.
Ченчев навел дека веќе во 2020 година бугарската држава преку документ јасно посочила кои текстови од договорот се прекршуваат.
-За да не влегуваме во улога на статистичари на она што се случува и да не дозволиме повеќе прекршување на правата на луѓето не само со бугарско државјанство, туку и со бугарската самосвест во РСМ, предлагам декларација што треба да ја усвои целото Народно Собрание за да ги покажеме и кажеме јасно нашите позиции и дека категорично ги осудуваме ваквите случаи и остро реагираме на нив, рекол тој.
Во декларацијата се наведува дека во врска со тековниот антибугарски наратив во Република Северна Македонија, Народното собрание на Бугарија, потврдувајќи ја декларацијата од 2 февруари 2023 година, наведува дека категорично ги отфрла сугестиите дадени од претседателот и премиерот на Македонија за агресивната бугарска политика и изјавите ги оценува како уште една ескалација на антибугарската кампања, која со години, како што велат, се спроведува во земјата. Во текстот стои дека се повикуваат македонските власти веднаш да прекинат со сите форми и манифестации на говор на омраза и да вложат напори во градењето на добрососедство и соработка утврдени во Договорот од 2017 година меѓу двете земји. Се отфрла континуираното негирање и непочитување на постоечките проблеми со правата и безбедноста на Бугарите во РСМ и се оценува како недозволиво составувањето на таканаречените црни листи за влез на бугарски државјани, политичари, народни претставници и пратеници од Европскиот парламент во Северна Македонија. Исто така во декларацијата се инсистира македонските институции да се вратат на имплементација на обврските во преговарачката рамка усвоена од ЕУ, чиј клучен елемент е вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата.
Претседателот на тамошното собрание Росен Желјазков побарал да се внесе нацрт-декларацијата.