Бугарија бара од Македонија да ги исполни своите обврски за заштита на правата на заедниците

„Софија ги поддржува легитимните барања на бугарската заедница во Македонија и ја повикува Владата на премиерот Христијан Мицкоски да ги послуша повиците на своите граѓани и да ги исполни сите обврски преземени кон ЕУ и Бугарија“, стои во соопштението на бугарското МНР

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Фејсбук/Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Bulgaria

Бугарија инсистира Република Северна Македонија да ги исполни своите обврски за заштита на правата на заедниците, соопштија денеска од Министерството за надворешни работи на источниот сосед. Оттаму појаснуваат дека организациите на бугарската заедница во Македонија дистрибуирале официјално писмо во врска со ревидираниот нацрт на Акцискиот план за заштита на правата на лицата што припаѓаат на малцинства и заедници, поднесен од македонската Влада, објаснуваат од бугарското МНР.

„Нашето Министерство за надворешни работи потсетува дека овој Акциски план е фундаментален документ, дел од Европскиот консензус од 2022 година, чија имплементација ќе се следи во текот на целиот процес на преговори за идното пристапување на Северна Македонија кон ЕУ“, потенцираат од Софија.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, во својот став, членови на бугарската заедница во земјава изразуваат загриженост за недостатокот на целосно одразување во нацрт-акцискиот план на нивните коментари и предлози од декември 2025 година. Според нив, документот продолжува да не ги решава доволно значајните проблеми со кои се соочува бугарската заедница во Северна Македонија и не нуди ефикасни механизми за нивно надминување.

„Меѓу овие недостатоци се: систематски институционален притисок, нееднаква имплементација на законите, строги ограничувања на самоопределувањето и слободата на здружување, недостаток на заштита од дискриминација и политички спонзорирани злосторства од омраза“, информира Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Се додава дека официјална Софија ги поддржува легитимните барања на бугарската заедница во Македонија и ја повикува Владата на премиерот Христијан Мицкоски да ги послуша повиците на своите граѓани и да ги исполни сите обврски преземени кон ЕУ и Бугарија.

„Очекуваме Северна Македонија искрено и доследно да се посвети на создавање сигурен, ефикасен и одржлив механизам за заштита на основните човекови права, со цел да може да обезбеди консензуална поддршка за својот европски пат во иднина“, наведува софиското Министерство за надворешни работи.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска излезе со најврд став досега во врска со уставните промени, велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се помести ни милиметар за уставените измени ако нема гаранции: „Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на оние што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, и оние што нив ќе ги следат“.