Бугарија и уште неколку земји од ЕУ го блокираа отворањето на Кластерот 3 со Србија

од Nikola Popovski
4,5K прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека амбасадорите на Шведска, Финска, Холандија, Хрватска и Бугарија гласале против отворањето на кластерот 3 од преговорите на Србија со ЕУ.

Вучиќ за новинарите во Цирих изјавил дека тие земји вчера не се согласиле за отворање на новиот кластер, но има уште седум дена до конечната одлука.

-Ќе видиме дали ќе биде, имаме уште седум дена. Следната недела нашите унгарски пријатели повторно ќе го стават на дневен ред. Ако биде- биде, ако не- здравје. Им благодарам, јас знам се, рекол Вучиќ.

РТС, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, претходно објави дека и на третата средба на ниво на амбасадори немало неопходен консензус на оваа тема.

Следната расправа за отворањето на кластерот би можела да се одржи на 11 декември. Меѓувладината конференција на која би се отворил кластерот треба да се одржи во неделата меѓу 16 и 20 декември.

За Србија, на маса е Кластер 3 – „Конкурентност и инклузивен раст“ во кој се групирани осум поглавја, од кои пет се веќе отворени пред да биде воведен концептот кластери со новата методологија.

Вучиќ рече и дека додека е претседател на Србија, што ќе биде уште две години, нема да има признавање на независноста на Косово и Србија ќе биде воено неутрална.

Слични содржини