Бугарија нема нови услови за Република Северна Македонија, стои во ставот на Министерството за надворешни работи на нашиот источен сосед во однос на европскиот предлог-преговарачка рамка постигнат во 2022 година за европскиот пат на нашата земја.
-Напротив, искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи. Го очекуваме првиот чекор во овој процес, согласно обврските потпишани од Скопје во јули 2022 година – „стапување во сила на измените на Уставот на Северна Македонија за оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури, вклучително и преку закон за нивно спроведување“, се вели во ставот на бугарското МНР.
Истакнуваат дека договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални.
-Неспроведувањето на потпишаните договори ја поткопува довербата, конзистентноста и предвидливоста во односите меѓу државите и предизвикува одмазда. Отсекогаш очекувавме од нашите пријатели во Северна Македонија совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување, соопштува тамошното МНР.
-Патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ има јасно дефинирани параметри. Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите за манипулативно прикажување на веќе договорените и опишани во компромисот од 2022 година како некои нови барања на Република Бугарија, коментираат од МНР во Софија.
Ставот на бугарското МНР се осврнува и на, како што се вели „ескалацијата на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите“ во нашата земја, односно „злосторството од омраза против г-дин Христијан Пендиков“.
Притоа, како што се наведува, „вториот од наводните напаѓачи допрва треба да биде уапсен и досега успешно ја избегнал правдата, додека првиот наводен напаѓач континуирано ја попречува судската постапка и поднел барање за враќање на меѓународниот пасош“.