Бугарија нема нови услови за С. Македонија, велат од Софија

од Nikola Popovski

Бугарија нема нови услови за Република Северна Македонија, стои во ставот на Министерството за надворешни работи на нашиот источен сосед во однос на европскиот предлог-преговарачка рамка постигнат во 2022 година за европскиот пат на нашата земја.

-Напротив, искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи. Го очекуваме првиот чекор во овој процес, согласно обврските потпишани од Скопје во јули 2022 година – „стапување во сила на измените на Уставот на Северна Македонија за оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури, вклучително и преку закон за нивно спроведување“, се вели во ставот на бугарското МНР.

Истакнуваат дека договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални.

-Неспроведувањето на потпишаните договори ја поткопува довербата, конзистентноста и предвидливоста во односите меѓу државите и предизвикува одмазда. Отсекогаш очекувавме од нашите пријатели во Северна Македонија совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување, соопштува тамошното МНР.

-Патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ има јасно дефинирани параметри. Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите за манипулативно прикажување на веќе договорените и опишани во компромисот од 2022 година како некои нови барања на Република Бугарија, коментираат од МНР во Софија.

Ставот на бугарското МНР се осврнува и на, како што се вели „ескалацијата на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите“ во нашата земја, односно „злосторството од омраза против г-дин Христијан Пендиков“.

Притоа, како што се наведува, „вториот од наводните напаѓачи допрва треба да биде уапсен и досега успешно ја избегнал правдата, додека првиот наводен напаѓач континуирано ја попречува судската постапка и поднел барање за враќање на меѓународниот пасош“.

Слични содржини