До 2030 година, Бугарија и Македонија ќе ја завршат изградбата на железничката врска меѓу двете земји. Ова станало познато за време на состанокот во бугарското Министерство за транспорт и врски меѓу вршителот на должноста министер за транспорт и врски Корман Исмаилов и амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска, соопштуваат од Софија.
Во соопштението се наведува дека по ратификацијата од страна на парламентите на Бугарија и Македонија на Договорот за изградба на прекуграничниот железнички тунел, следната фаза е формирање на Заеднички комитет, предводен од замениците-министри за транспорт на двете земји, кој ќе ја координира подготовката, изградбата и идното работење на проектот.
Од прес-службата на бугарското министерство додаваат дека министерот Исмаилов го нагласил забрзаното темпо со кое бугарската страна работи на модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево. Од своја страна, амбасадорката Руси Поповска нагласила дека соработката меѓу институциите на двете земји е важен предуслов за непречено спроведување на проектот.
Минатиот месец Бугарија го ратификуваше Договорот со Македонија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.
Коридорот 8, кој ги поврзува Јадранот со Црното Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, е дел од поширокиот европски транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран и има силна поддршка од Европската унија.