Бугарите гневни: Советничка на Петков обвинета за шпионажа во корист на Македонија

од Nikola Popovski
580 прегледи

Директорот на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНБ) Пламен Тончев денеска од тамошното Собрание известил за случај во кој советничка на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков ги координирала официјалните бугарски позиции со државјанин на Република Северна Македонија.

„Во рамките на спроведувањето на законските овластувања на агенцијата во насока на одредба за контраразузнавање, констатиран е случај во кој тогашен советник на премиерот ги координирал ставовите на Министерството за надворешни работи со државјанин на Република Северна Македонија“, истакнал Тончев од собраниската говорница, пренесуваат бугарските медиуми.

Првиот човек на ДАНС не го објавил ниту името на советникот, ниту во рамките на која влада е формиран овој случај.

„Прашањето е исклучително чувствително за целото општество. Нема да можам да одговорам подетално, бидејќи за случајот е поведена претистражна постапка“, посочил тој.

Според директор на ДАНС, информацијата ја добил државен службеник од Македонија. Одговорот на Тончев бил по прашање на пратеникот од редовите на „Преродба“, Ангел Георгиев.

„Дали се обезбедени информации во текот на преговарачкиот процес на Република Северна Македонија за пристапување во ЕУ? Имаше ли протекување информации до македонската држава, дали беа однапред подготвени за чекорите на бугарската држава? Дали е-пошта тајно беше проследена од бугарски официјални лица до оние на Република Северна Македонија? Дали се известени во телефонски повици? Дали им биле доставени тајни документи?“, прашал пратеникот, нагласувајќи дека се работи за шпионажа.

Се шпекулира дека едно од имињата кое може да е „информаторот“е Весела Чернева, која му беше советничка на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков. Според бугарскиот пратеник Тошко Јорданов, таа разговарала со претставници на Република Северна Македонија „зад грб“ на тогашната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска. Тогаш Генчовска дури и ја обвини Чернева дека спроведува паралелна надворешна политика и оти самата лобира во преговорите со Македонија, пишуваат бугарските медиуми.

Весела Чернева е меѓународно признат експерт за надворешната политика. Таа е многу познато лице во македонските кругови, особено во невладиниот сектер, заради долгогодишната соработка и внимателните анализи за односите меѓу двете држави.

Слични содржини