Бугарската новинарка и аналитичарка на процесите во регионот, Нина Спасова, очекува зголемување на тензиите во Македонија и протести против власта во земјата, особено во позадина на трагедијата во дискотеката во Кочани.
„Народот сака правда, ќе чека еднонеделна жалост пред да има посериозни демонстрации, протести. Претпоставувам дека ќе има ескалација, тензијата ќе расте. Ќе има ли казнети (од власта)? Не верувам“, прокоментира Спасова за bTV.
Според неа, проблемот во земјава е наталожен и е многукратно поголем од оној во Бугарија.
„Ние сепак сме европска држава, не е ни малку исто. Излегува дека само неколку од дискотеките таму имаат лиценца“, посочи Спасова.
Според неа, дури и лиценцираните дискотеки не ги исполниле сите услови, додека во Бугарија, на пример, барањата за заштита од пожари се доста високи.
Спасова смета дека е можно протестите во Македонија да се прошират на барање за промена на политичкиот систем, бидејќи повеќето луѓе во земјата сакаат влез во ЕУ.
„Малку сум скептична дека ќе влијаат на владата. Велат: „Сакаме да бидеме во Европа, Бугарија не спречува“. Бараат изговор да не бидат во Европа“, истакна Спасова.