Бараме нов пристап за решавање на проблемот меѓу Скопје и Софија, изјави за МИА копретседавачот на бугарската коалиција „Промената продолжува“ и поранешен министер за економија на Бугарија, Кирил Петков.
– На Балканот живеат 65 милиони луѓе и кога би можеле да имате единствен пазар, слободна трговија, инфраструктурни врски и да летаме од Скопје до Софија за 40 минути, сите ќе живеат подобро. Балканизацијата и поделбите во регионот, не спречија да работиме на поголемата цел да бидеме подобри, додаде Петков.
Во изјавата за МИА тој нагласува дека пред неколку месеци на средба со заменик-министерот за економија на Северна Македонија, се договориле да разговараат за заедничката трговија, како и за тоа кои се бугарските и македонските добавувачи на стоки и услуги и кои се клиентите во Бугарија и Македонија.
– Видовме дека Софија и Скопје имаат многу можности за заедничка корист. Проблемите ги запреа таквите можности, од кои двете земји можат да имаат корист и да напредуваат. Бугарија и Северна Македонија мора да работат заедно и тоа мора да се направи со работни групи, кои мора да бидат составени не само од историчари, туку и од луѓе од бизнисот, науката и културата, за да можат да зборуваат за она од што сите ќе имаат корист, а не за она од што едната или другата страна потенцијално би можела да загуби, вели Петков.
Петков во изјавата за дописникот на МИА од Софија оценува и дека во моментов никој ниту во Бугарија, ниту во Северна Македонија, нема корист од тоа што меѓу двете земји нема најдобри меѓусоседски односи.
– Треба да ја смениме парадигмата во нашите односи и да видиме кои се заедничките економски работи што можат да ги направат двете земји. Како на пример, зошто нема авиокомпанија што лета од Софија до Скопје. Тоа треба да биде темата, додава Петков.
Неговиот колега, вториот копретседавач на Промената продолжува, Асен Василев, кој е поранешен министер за финансии на Бугарија, исто така во изјава за МИА оценува дека во односите меѓу двете земји треба да се зборува за иднината и сегашноста.
– Луѓето треба да се чувствуваат спокојни, никој да не биде угнетуван, треба да има заеднички бизниси, групи студенти од двете земји да можат да се посетуваат меѓусебно, да се организира балканско фудбалско првенство, а не само бугарско-македонско, и луѓето да се запознаат и да живеат поспокојно и во двете земји. Тогаш фокусот на историјата ќе се префрли на сегашноста и на она што можеме заедно да го направиме во иднина, бидејќи ако само гледаме назад, никогаш нема да направиме чекор напред, смета Василев.
Асен Василев и Кирил Петков во изјавите за МИА се категорични дека тоа може да се постигне со заедничка работа и дејствување на екипи од двете земји.
Петков нагласува дека нивната коалиција не се плаши од никого и тоа го сакаат бугарските граѓани. – Слоганот на коалицијата Промената продолжува е „Нам не ни е страв“, истакнува Петков.
Василев додава дека логото на нивната коалиција е „отворена врата“, истакнувајќи дека вратата е отворена за сите, но неопходни се работа и добри мисли „за да можеме заедно да изградиме подобра иднина“.
Анкетите покажуваат дека ГЕРБ би можела да се надева на меѓу 24 и 26 отсто од гласовите, пред Промената продолжува со меѓу 15 до 17 отсто и Бугарската социјалистичка партија (БСП), која има рејтинг меѓу 15 и 16 проценти.