Бугарски аналитичар за „Локално“: Македонија е неофицијален, но реален дел од српскиот свет на Вучиќ – без компромис меѓу Брисел и Белград, а не Скопје-Софија, преговорите со ЕУ не можат да започнат

Дали постои притисок од Брисел врз Софија за решавање на македонското прашање - Бугарски аналитичар: Притисокот е врз Мицкоски, а преку него, индиректно и врз Вучиќ

од Nikola Popovski
858 прегледи

Според мене, важното прашање во врска со извештајот за напредокот на Македонија е какво е значењето на вклучувањето на „проблемот“ со идентитетот и јазикот на Македонците во овој документ. Приклучувањето кон ЕУ не може ниту да го обезвредни ниту да го „благослови“ правото на еден народ да се нарекува себеси или својот јазик како што сака, вели во разговор за „Локално“, бугарскиот аналитичар Паскал Гонов откако по барање на известувачот за Македонија, Томас Вајц, Комитетот за надворешна политика го одложи разгледувањето и гласањето на извештајот за земјава по 24 јуни.

Гонов посочува дека одлуките на Европскиот парламент имаат политичко значење, што значи дека денес може да бидат едно, а утре друго. Истото, според него, важи и за одлуките на бугарскиот и македонскиот парламент.

„Јазикот и идентитетот не се признаваат ниту оспоруваат со политички акти. Затоа, целата оваа приказна за борбата на бугарската и македосната дипломатија во областа на ЕУ е „прашина во очите“ на гледачите. Вештачки се создава тензија по должината на оската Софија-Скопје, што е составен дел од тензијата по должината на оските Бања Лука-Сараево и Загреб-Белград. До кога ќе продолжи овој театар и дали ова е крајот на европската приказна за Македонија? Допрва ќе дознаеме“, нагласува аналитичарот и адвокат по професија.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски неодамна ја повика опозицијата да лобира заедно со Владата кај европратениците за да се изгласа извештајот за земјава, кој вклучува засебен многувековен македонски идентитет поврзан со нацијата и со македонскиот јазик, а воедно на темата уставни измени потенцираше дека додека нема Македонци во бугарскиот Комитет за малцинствата, нема поместување ни милиметар од нашите позиции. На ваквата порака и за тоа како ја оценува неговата досегашна стратегија, Гонов вели:

„Ако ги проследиме јавните настапи на г-динот Мицкоски во врска со Бугарија во последните неколку години, објективно можеме да констатираме дека политичарот е доследен во генерирањето скандали и обвинувања, а досега неколкуте заеднички иницијативи на двете земји беа суспендирани и блокирани – заедничкото одбележување на 24 мај, изградбата на Коридорот 10… Во овој поглед, барањето за „Македонци во Бугарската комисија за малцинства“ е ново-стара епизода од шоуто“, констатира соговорникот.

Запрашан дали гледа поголем притисок од официјален Брисел кон официјална Софија за поскоро решавање на спорот со Македонија, Гонов цени дека дека притисокот е врз Мицкоски, а преку него, индиректно и врз Вучиќ.

„Судбината на извештајот со „милениумскиот идентитет“ ќе го покаже токму ова. Македонија е неофицијален, но реален дел од српскиот свет на Вучиќ. Без компромис Брисел-Белград, а не Скопје-Софија, преговорите со ЕУ не можат да започнат“, објаснува аналитичарот.

Пред неколку дена, екс-претседателот Стево Пендаровски го посочи шефот на бугарската држава, Румен Радев како архитектот на бугарската блокада кон Македонија и дека со него не може да се преговара за надминување на проблемот. „Не може да очекувате од оној кој го направи проблемот, да го реши.  Дури и со Каракачанов во таа влада на Борисов, тој не беше главниот. Главниот човек кој ја утврди таа патека беше Радев. Вие со него не можете со гледање опери или културни настани да издејствувате промена во тој став, затоа што тој човек верува во тоа што го направи, и во тоа што ги натера сите други да веруваат во таа позиција“, ќе рече Пендаровски во интервју за ДВ. Гонов потсетува дека Пендаровски и Радев во 2021 година заедно го прославија денот на Свети Кирил и Методиј во Рим, а потоа ништо не се случи.

-Ако за танго се потребни двајца, тешко дека Румен Радев е единствениот виновен за ова „ништо“, смета соговорникот од Бугарија.

Н.П.

Слични содржини