Бугарски европратеник: Македонија сака да се укине правото на вето во ЕУ за да не ги исполни обврските за уставни измени

-Без право на вето, Европската Унија се претвора во Советски Сојуз - вели бугарскиот европратеник Стојанов

од Nikola Popovski
79 прегледи Фото: Фејсбук профил на Станислав Стојанов

„Проширувањето на Европската Унија е правен и политички процес. Претворањето во геополитички инструмент го поткопува самиот Договор за Европската Унија, а укинувањето на правото на вето би ја претворило во втор Советски Сојуз. Европската Унија мора да се прошири според јасни критериуми, а не според погодност“, порача вчера бугарскиот европратеник, Станислав Стојанов од говорницата во Европскиот паррламент.

Стојанов во својот говор ја спомена и Македонија. Според него, со овој пристап се доаѓа до, како што вели, апсурдни резултати.

-С.Македонија, која сè уште не е членка на ЕУ, отворено се залага за гласање со квалификувано мнозинство во Советот. Ова е обид да се заобиколат обврските што ги презеде Скопјe во 2022 година кон целата ЕУ. Реформата е неопходна, но таа мора да биде предмет на сериозна анализа, а не по цена на суверенитетот на земјите-членки. Ќе повторам уште еднаш – без право на вето, Европската Унија се претвора во Советски Сојуз“, потенцира Стојанов кој доаѓа од редовите на крајнодесничарската партија во Бугарија, Преродба.

Бугарскиот европратеник смета дека правото на вето во Советот на ЕУ е очигледно пречка за, како што вели, владејачката бирократска елита.

-Постојат повици за негово укинување. Ова би го претворило партнерството меѓу земјите-членки во принуда. Нема да се постигне единство, туку доминација над неистомислениците, додава Стојанов, пренесуваат бугарските медиуми.