На покана на претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во тамошното Претседателство се одржал состанок посветен на Годишниот извештај за напредокот на Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Од вкупно 17 бугарски европратеници, присутни биле девет, меѓу кои и Станислав Стојанов од партијата Преродба, известувач во сенка за темата во Европскиот парламент.
Стојанов ја поздравил иницијативата и за време на дискусијата изразил загриженост за недостатокот на посветеност од страна на бугарските институции, особено Министерството за надворешни работи, на чело со Надежда Нејнски. Според него, Бугарија ги има сите потребни дипломатски инструменти и целосен потенцијал да ја брани својата позиција во однос на Македонија, но, како пренесуваат бугарските медиуми, тие не се користат ефикасно.
„Бугарските европратеници повторно се наоѓаат сами и без поддршка во одбраната на националниот интерес. Во исто време, Република Северна Македонија го користи целиот свој дипломатски и политички потенцијал за да ги наметне своите ставови. Крајно време е бугарските институции, а особено министерката Надежда Нејнски, да покажат присуство и јасен став за темата“, рекол тој.
Стојанов нагласил дека овогодинешниот извештај покажува обиди за ревидирање на обврските што веќе ги презеде Македонија, како што пренесуваат, вклучително и во однос на Преговарачката рамка. Тој бил категоричен дека Бугарија не може да прифати такви толкувања и порачал дека патот на Скопје кон Европската Унија поминува низ спроведувањето на обврските преземени кон Софија и Брисел.
Во 2022 година, Бугарија ја одобри преговарачката рамка на Македонија на патот кон ЕУ во замена за преземените обврски, како вклучување на Бугарите во Уставот и почитување на Договорот за добрососедство со неговите два протоколи.
Според Стојанов, потребна е јасна и проактивна линија на надворешна политика, како и поблиска координација меѓу институциите и бугарските претставници во Европскиот парламент.
„Само со доследни дејствија и користење на целиот институционален потенцијал, Бугарија може ефикасно да ја брани својата позиција и правата на Бугарите во РСМ“, додал Стојанов.