Бугарски европратеник се пожали на присуството на Муцунски во ЕП и бара поактивна позиција од Софија за македонското прашање

„Брисел е гарант на т.н. француски предлог од 2022 и ова беше причината зошто Бугарија го деблокираше процесот на пристапување на РС Македонија. Договорот за добрососедство со неговите два протоколи е составен дел од Преговарачката рамка“, рекол Стојанов за македонските евроинтеграции

од Nikola Popovski
126 прегледи Фото: Фејсбук профил на Станислав Стојанов

Претседателот на „Европа на суверени нации“ во Европскиот парламент и бугарски европратеник од редовите на контроверзната партија Преродба, Станислав Стојанов го коментирал почетокот на состаноците за овогодинешниот извештај за напредокот на Македонија на патот кон пристапување кон Европската Унија, изразувајќи загриженост за, како што вели, одбраната на бугарската позиција во Брисел.

Стојанов изјави дека бугарските известувачи во сенка повторно се наоѓаат во позната ситуација, во која во пракса тие самите мора да го бранат бугарскиот национален интерес. Тој го коментирал активното присуство на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски во Европскиот парламент и нагласил дека македонскиот функционер имал лични средби со сите известувачи, со исклучок на бугарските претставници, непосредно пред дискусиите за извештајот.

„Брисел е гарант на таканаречениот француски предлог од 2022 година и ова беше причината зошто Бугарија го деблокираше процесот на пристапување на Република Северна Македонија. Договорот за добрососедство со неговите два протоколи е составен дел од преговарачката рамка“, рекол Стојанов, нагласувајќи дека овие обврски мора строго да се почитуваат, пренесуваат бугарските медиуми.

Тој изразил сериозна загриженост за недостатокот на активен и навремен ангажман од страна на бугарското Министерство за надворешни работи за време на дискусиите и изјавил дека наместо да ја брани бугарската позиција на терен во Европскиот парламент, бугарскиот министер за надворешни работи се фокусира на јавни настапи и комуникациски иницијативи кои не водат до реални резултати во заштитата на националниот интерес.

„Очекуваме бугарскиот министер за надворешни работи да покаже потребна одговорност и да преземе навремени мерки во одбрана на бугарската позиција“, посочил Стојанов, нагласувајќи дека темата за проширување на ЕУ и односите со Македонија бара активна дипломатија и доследност во почитувањето на преземените обврски.