Изградбата на автопатот од бугарскиот град Дупница до граничниот премин „Гуешево“ со Македонија треба да започне што е можно поскоро, инсистираат локалните власти во неколку општини во Бугарија, објавија дел од бугарските медиуми.
Советници од општините од регионот на Ќустендил стравуваат дека Македонија се обидува да ги пренасочи европските средства наменети за Коридорот 8 во друг паневропски транспортен коридор, како Коридорот 10 преку Србија.
-Советите на општините во целиот регион излегле со генерална Декларација со која бараат властите во Бугарија да посветат сериозно внимание за напредокот на оваа, како што нагласуваат, важна инфраструктурна локација, која освен патна мрежа, вклучува и железничка пруга, пишуваат бугарските медиуми.
Декларацијата ќе биде испратена до претседателот на Бугарија – Румен Радев, Националното собрание, Советот на министри и до други институции.
Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија уште пред две години објави јавен повик за изработка на идејно-технички проект за изградба на најновиот автопат во Бугарија – од Дупница до Гуешево, односно границата со Македонија.
Новиот автопат е предвидено да биде долг околу 62 километри. Беше објавено дека проценетата вредност за реализација на проектот е 1.58 милиони евра без ДДВ, а иако беше предвиден рок од пет месеци, автопатот се уште не е изграден.