Одлуката на лидерот на Има таков народ (ИТН) Слави Трифонов е изненадувачка и непотребна. Коалицијата чиј дел беше ИТН беше многу широка, многу сложена и многу беше тешко да се протуркаат менаџерските одлуки, но се чини дека нема алтернатива на хоризонтот. Не само подобро, туку немаме алтернатива за власта во моментов. Сè додека има опции за различни мнозинства, се чини дека не се општествено прифатливи, а новите избори се голема непознаница која не гарантира квалитативна промена, вели во разговор за „Локално“, бугарскиот политиколог и аналитичар Калојан Велчев за последните случувања на бугарската политичка сцена.
Политикологот информира дека во бугарскиот политички живот, гласањето недоверба е вообичаена практика, но тие никогаш досега не биле успешни, односно не довеле до рушење на владата.
-Ситуацијата овојпат е поконкретна. Кабинетот на бугарскиот премиер Кирил Петков е веќе де факто малцински кабинет. Згора на тоа, на вчерашната собраниска седница гласовите покажаа дека се чини дека се формира ново мнозинство кое има волја да ја урне владеачката коалиција. Таа е составена од опозициски партии и ИТН. Дали владата ќе падне ќе зависи од пратениците на ИТН. Ако го поддржат кабинетот, владата ќе преживее, но во моментов сигналите се повеќе во друга насока, оценува Велчев.
Тој истакнува дека нивото на политичкиот дијалог во Бугарија го допре дното.
-Целата дебата се сведува на некакви лични напади, клевети, навреди… Во оваа смисла, политичката криза тропа на врата. Најлошо е што излезот е нејасен, но секако ќе биде многу комплициран бидејќи бара луѓето кои јавно демонстрираа целосна омраза еден кон друг да седнат на маса и да почнат да разговараат нормално и сериозно, порачува Велчев.
Околу излезот од „ќорсокакот“ во Бугарија, аналитичарот потврди дека Петков во моментов не најавил кревање на ветото.
-Сепак, не е тајна дека има сериозни разлики меѓу премиерот и неговата министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, за темата Северна Македонија. На денешната седница на парламентот Генчовска беше сослушана од пратениците, што ги разгоре страстите во пленарната сала. Во оваа смисла, веќе има многу турбуленции. Шефицата на дипломатијата се чини дека прави максимални напори да го блокира дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија. За жал, во моментов не гледам излез од ќорсокакот. Дебатата за Северна Македонија е доведена до крајности, а политичар кој ќе преземе иницијатива и ќе се обиде да го укине бугарското вето ќе плати сериозна политичка цена, дециден е Велчев.
Како темата С. Македонија ќе влијае во бугарската криза, политикологот потенцира дека мора прво да се види што ќе биде со оставката на Генчовска од функцијата.
-Таа е предмет на гласање во Националното собрание и не може да се усвои. Ова би се сметало за неформално гласање за недоверба на кабинетот на Петков и може да доведе до оставка на целата влада. Под таква хипотеза, не знаеме која ќе биде идната влада во Бугарија, за да можеме да кажеме дали би го сменила пристапот. Доколку се изгласа оставката, а кабинетот остане на власт, клучно ќе биде која од партиите во владејачката коалиција ќе го преземе министерството за надворешни работи и дали владата во целина ќе има сили да заземе поинаков пристап, посочува Велчев.
Околу можноста Петков да го заобиколи Бугарското народно Собрание за кревање на ветото, Велчев вели дека ваквиот потег изгледа премногу ризичен и ќе предизвика сериозни скандали.
-Наместо тоа, ако се направи обид да се укине ветото, ќе се направи обид тоа да се направи со гласање во Националното собрание, потпирајќи се на гласовите на две опозициски партии, кои барем на хартија изјавија дека би дале поддршка на европската интеграција на Северна Македонија, информира политикологот.
За наводната белешка напишана од Петков во возот со кој патувал за Киев, за тоа како да се укине ветото за Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ, Велчев вели дека е неважно дали е вистинита или не.
-Поважно е дека се користи како компромитирачки материјал и е повод да се нападне премиерот. Ваквите постапки на луѓе кои го претставуваат народот се крајно грди и говорат за многу ниско ниво на политичка култура. Што се однесува до тоа дали ветото ќе падне до јуни, во оваа фаза изгледа многу тешко, заклучува политикологот.
Н.П.