Бугарскиот амбасадор во ЕУ: За жал, Македонија не ги исполнува критериумите за почеток на преговорите

од Nikola Popovski
376 прегледи

Нема промена во бугарската позиција за почеток на преговорите за членство во Европската унија со Македонија и Албанија. Ова стана јасно по денешниот Совет за општи работи во Брисел, на кој се разговараше на темата за проширување на ЕУ.

-За жал, Република Северна Македонија се уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција, изјавил бугарскиот амбасадор во ЕУ Румен Александров.

Според него, Албанија мора да се оценува според сопствените заслуги и е подготвена за напредок на патот кон ЕУ. Во однос на Македонија, Александров истакна дека во последните неколку месеци бугарската страна предложи голем број опции за надминување на отворените прашања поврзани со гарантирањето на правата на граѓаните со бугарски идентитет и спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

-Нашите партнери во РСМ треба да преземат конкретни обврски, од кои некои ќе бидат исполнети на краток рок, а останатите ќе бидат меѓу барањата на идната преговарачка рамка. Се додека тоа не се случи, не може да се очекува напредок во процесот на проширување, додаде амбасадорот Румен Александров.

На почетокот на средбата Александров изразил сочувство на роднините на загинатите во тешката сообраќајна несреќа рано утринава на автопатот Струма.

Претставник на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија изразил надеж дека до крајот на годината ќе има пробив во односите Скопје-Софија за да може Албанија и Република Северна Македонија што поскоро да ги започнете преговорите за членство во ЕУ.

Слични содржини