Бугарските и македонски интелектуалци ја осудија декларацијата на Софија

од desk4
358 прегледи

На само една недела пред Европскиот совет да донесе конечна одлука дали Северна Македонија и Албанија ќе добијат датум за почеток на преговорите, источниот сосед донесе одлука за поддршка на интеграциите на нашата земја во европското семејство, но поставија и дваесеттина услови т.н. рамковна рамка, со што на одреден начин ја загрозуваат позицијата на нашата земја.

„Ладниот туш“ од Софија предизвика рекации од двете страни. Во соопштението на бугарската влада се наведува дека тие нема да дозволат интеграција на Северна Македонија, доколку продолжи со спонзорирање на антибугарска идеологија, препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година, откажување од македонското малцинство во Бугарија,отстранување на терминот „бугарски фашистички окупатор“ од текстовите во учебниците и натписите на спомениците и спомен плочите, лустрација за да се расветлат сите соработници на службите за безбедност на поранешна Југославија и пишување на терминот „македонски јазик“ да биде пропратено со ѕвездичка и појаснување според Уставот на Северна Македонија.

„Бугарската рамковна позиција со која се декларира поддршка на почетокот на преговорите, всушност најавува блокада веќе во следниот чекор, а тоа е самиот нивен почеток“, смета Малинка Јорданова, директор на Институтот за европски политики од Скопје, за Гласот на Америка, која објаснува дека за Северна Македонија следат макотрпни месеци за македонската дипломатија и државниот врв, но дека треба да се подготвени, бидејќи ова сепак не е изненадување.

Ѓорѓи Спасов, поранешниот македонски амбасадор во Софија, смета дека македонската нација и македонскиот јазик се реалност и дека Бугарија нема да успее во целта да и наметне на ЕУ, да го означи тој јазик како „службен јазик на Република Северна Македонија“.

„Сега ние како земја која ја прифати промената на името во Република Северна Македонија, но која со договорот со Грција реално го зачува идентитетот на македонскиот народ и користењето на македонскиот јазик, како јазик впишан во графата на Обединетите нации, можеме полесно да им одолееме на другите видови барања и негирања“, изјави Спасов за Гласот на Америка.

Премиерот Зоран Заев е среќен што е постигнат договор за добрососедство и смета дека Бугарија ќе биде еден од најгласните поддржувачи на нашата земја.

„Очекувам дека Бугарија ќе биде еден од најгласните поддржувачи на добивањето датум за почеток на преговорите. Нормално е очекувањето дека договорите треба да се исполнуваат, и јас сум среќен што постигнавме договор за добрососедство. Неговото исполнување е обврска за двете страни и верувам дека ќе продолжиме со изнаоѓање на решенија“, рече премиерот.

Од друга старана, бугарските интелекцуталци ја осудија декларацијата на Софија, бидејќи наместо да гради мостови меѓу двете земји, поттикнува омраза. Тие во соопштението ја изразуваат длабоката загриженост од рамковната позиција на бугарската влада.

„Во неколку наврати тоа се навестува само како историја на еден народ- бугарскиот. Во пракса, всушност се бара од македонската страна да ја препише бугарската историја до таа година. Всушност, денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација. Затоа, ние го осудуваме поимот ’кражба на историјата’, кој честопати се користи од некои националисти од обете страни“, стои во соопштението, во кое го критикуваат  и барањето во учебниците во оригинал да се користат историските извори од 19 и 20 век.

За бугарските интелектуалци, најзагрижувачки е негирањето и потценувањето на македонската култура, и политичкиот и културниот идентитет на Република С. Македонија и наместо ултиматум, тие бараат  зајакната соработка меѓу двете држави, од културата до економијата. Тие исто така прашуваат: кога Бугарија ќе обезбеди потрајно културно присуство кај нас, кога ќе започне пракса на збратимување на градови од двете страни на границата, зошто нема заеднички проекти финансирани од Бугарија, зошто нема напредок во развојот на Коридорот 8 и кога конечно ќе се направи железничка линија меѓу Софија и Скопје.

Слични содржини