Бугарското МНР реагира на говорот на членот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во кој ги нарекува татарски фашисти

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи на Бугарија најостро ја осудува изјавата на Драган Ѓуровски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, во која тој дава навредливи и вулгарни квалификации кон Бугарија и кон нејзиниот народ, објавија бугарските медиуми.

„Татарските фашисти и одвратната бугарска рака“, е само дел од говорот на Ѓуровски, кој се одржал пред неколку дена во центарот на Скопје.

Во својот говор, младиот член на партијата „зборува со омраза кон Бугарија“.

„Ние нема да преговараме кој е Гоце Делчев и на кого припаѓаат Илинденците. Дали заборавија на Букурешт од 1913 година, кога ги проширија своите граници на сметка на Македонија и започнаа со асимилација, денационализација и депортација … Нема да има промена во историјата по волја на татарските фашисти … Оваа одвратна бугарска рака ги удираше Македонците … Тие тврдат дека имаме заедничка историја. Секако дека имаме. Ова е неоспорен факт. Единствената заедничка историја се црвените“, рекол Ѓуровски, цитиран од БГНЕС.

Според бугарското МНР, ваквите провокации се косат со сите основни европски принципи и норми на политичко однесување.

„Тие се симбол на стереотипите наследени од минатото, кои се во спротивност со декларираното од Република Северна Македонија и желбата на нејзиното општество да ги сподели европските вредности и да се приклучи на заедничкото европско семејство“, се вели во позицијата на Министерството за надворешни работи .

„Бугарија отсекогаш покажувала конзистентност, транспарентност и конструктивност во односите со соседите. И покрај сите наши манифестации на добрососедство, нашата земја продолжува да биде предмет на демонизација и говор на омраза во домашната политичка дебата во Република Северна Македонија, што е неприфатливо. во современиот демократски свет“, посочува бугарското МНР.

Слични содржини