Бугарија не може да го поддржи одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Македонија. Актуелниот нацрт на Рамката за преговори за пристапување на PCM исто така не ги одразува предлозите на бугарската страна и затоа Бугарија не може да го поддржи, соопштија од бугарското Министерство за надворешни работи, објави БГНЕС.
Од тамошното министерство велат дека биле истакнати напорите направени во последните месеци од Бугарија за решавање на отворените прашања со Скопје.
-Истовремено, се уште нема напредок во имплементацијата на Договорот за добрососедство, изјавил министерот Светлан Стоев.
Тој додал дека бугарската страна „се уште очекува конкретни чекори од соседите за исполнување на обврските, вклучително и откажување од територијални и малцински претензии, прекин на говорот на омраза кон Бугарија, промена на учебниците во Република Северна Македонија, имајќи ја предвид нашата заедничка историја, гарантирајќи ги правата на граѓаните со бугарска самосвест“.
-Не гледаме напредок бидејќи нема политичка волја за решавање на овие прашања, додал шефот на бугарската дипломатија.
Последниот самит на ЕУ за оваа година ќе се одржи во Брисел на 14 декември.