Европските предлози за безбедносни гаранции за Украина се целосно неприфатливи, а на војниците од земјите на НАТО не им е дозволено да влезат во Украина, соопшти Кремљ на дневниот брифинг за медиумите.
Како што објави „Скај њуз“, портпаролот Дмитриј Песков рече дека Москва „гледа негативно“ на предлозите што се кристализираа по состанокот на европските лидери во Вашингтон со Доналд Трамп.
Ова е јасна порака од Кремљ дека нема да отстапи ниту милиметар од барањата во врска со Украина, и покрај слабиот обид за дипломатско ублажување содржан во реченицата дека „американските напори за наоѓање мир се многу важни“. Официјалниот став на Москва е во спротивност со неодамнешните тврдења на Трамп дека „Путин се согласил на безбедносни гаранции во многу значаен чекор“.
Песков го повтори долгогодишниот став на Русија дека војниците на НАТО немаат што да бараат во Украина, а кога станува збор за мировни преговори, тој нагласи дека „ваквите состаноци мора да бидат добро подготвени за да бидат ефикасни“.
Тој, исто така, откри дека се во тек подготовки за посетата на Владимир Путин на Кина, опишувајќи ја како „без преседан“. Путин ќе им се придружи на повеќе од 20 светски лидери на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин во недела и понеделник.