Цените на нафтата во понеделникот паднаа на меѓународните пазари, откако сигналите од Соединетите Американски Држави и Иран за можна подготовка на преговори ги смирија инвеститорите и ја намалија загриженоста околу снабдувањето.
На лондонскиот пазар, барел нафта попладнето се тргуваше по цена од 65,98 долари, што е за 3,34 долари пониско во однос на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар, цената беше пониска за 3,31 долар и изнесуваше 61,90 долари за барел.
Пазарите на почетокот од новата недела беа охрабрени од најавите дека Иран и САД би можеле да започнат преговори.
Воени судири и тензии
САД распоредија група воени бродови на Блискиот Исток, при што претседателот Доналд Трамп упати порака до Техеран што побрзо да започне разговори за нуклеарен договор. Во јуни минатата година, САД заедно со Израел извршија напади врз нуклеарни постројки во Иран и врз повеќе воени цели. Иран возврати со напади врз цели во Израел и врз американска воена база во Катар.
Кон крајот на минатата недела, Трамп изјави дека Иран „сериозно разговара“, додека високиот ирански функционер за безбедност Али Лариджани изјави дека веќе се во тек подготовки за преговори. И Техеран, според портпаролот на Министерството за надворешни работи Есмаил Багаеи, сака разговорите да започнат што е можно побрзо, со цел да се укинат санкциите. Иран е под американски санкции со децении.
Можност за скорешни преговори
Неименуван ирански функционер и западен дипломат изјавија за Ројтерс дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи би можеле да се сретнат во наредните денови во Турција.
Анкара уште минатата недела соопшти дека е подготвена да посредува. „Ги повикуваме двете страни на преговарачка маса“ за спорните прашања да се решаваат „едно по едно“, изјави шефот на турската дипломатија Хакан Фидан.
Пазарите стравуваат дека Техеран би можел да одговори на евентуален американски напад со блокада на Хормушкиот теснец, низ кој дневно минуваат околу 20 милиони барели нафта. Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека барел од кошницата нафта на земјите-членки во петокот чинел 67,03 долари, речиси исто како и претходниот ден.