ЦГК: „Инјекција“ од 112 милиони евра од Владата за општините во годината на локалните избори

-Проектите беа квалификувани како „развојни“, бидејќи е предвидено нивно финансирање во тригодишен период иако значаен дел од нив се поправки, реконструкции или изградби на улици и слични локални инфраструктурни зафати, соопштија од Центарот за граѓански комуникации

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

Денеска, 09 февруари 2026 година, Центарот за граѓански комуникации ги објави извештајот и базата на податоци од следењето на доделувањето пари од Владата за инфраструктурни проекти во општините во 2024 и 2025 година, со следниве клучни наоди:

-Од октомври 2024 до октомври 2025 година, Владата испланира 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините, и од тие пари им одобри 112 милиони евра преку шест министерства.

-Со првата одлука од октомври 2024 се распределени 71,1 милиони евра за 288 општински проекти, избрани на претходно објавен јавен оглас. Со втората одлука од јули 2025, распределени се дополнителни 41,4 милиони евра за 828 проекти.

-Од првата транша пари не им неа одобрени на Град Скопје, Струмица и Сарај, а од втората само на Град Скопје.

-Веднаш по завршувањето на изборите, Владата направи значително кратење на парите во Буџетот за овие проекти кои, од почетните 250 милиони евра, се намалени на 149 милиони евра.

-По општини, најмногу пари, над 5 милиони евра секоја, им беа одобрени на Битола (5,6 мил. евра), Тетово (5,5 мил. евра), Куманово (5,3 мил. евра) и Аеродром (5,3 мил. евра), а блиску до нив е и Прилеп (4,4 мил. евра).

-По жител, највисоки износи се одобрени за: Демир Капија (99 евра), Желино (82 евра), Свети Николе (79 евра), Градско (78 евра) и Кратово (76 евра). Најмалку пари по жител има за: Град Скопје (0 евра), Струмица (16 евра), Сарај (23 евра), Центар (41 евро) и Кичево (49 евра).

-Само за 11 проекти (нецел 1 %), односно 4,3 милиони евра (нецели 3 %) од средствата може да се процени дека директно се однесуваат на подобрување на условите за живот и работа на жените, младите и маргинализираните групи. Вакви проекти имаат 9 општини и од 11-те проекти, 10 се за млади, 1 за маргинализирани групи, и ниту еден за жени.

Врз основа на клучните наоди, може да се заклучи дека:

-Одобрените средства од Владата за општините од т.н. Унгарски кредит беа значајна „инјекција“ за општините во предизборните месеци, зголемувајќи ги просечно: за 92 % – износите на капитални расходи во буџетите на општините за 2025 година, во однос на реализацијата од 2024 година; за 37 % – буџетите за 2025, во однос на реализираните буџети за претходната година, и за 40 % – јавните набавки на општините во 2024 година, во однос на 2023 година.

-Средствата не беа рамномерно распределени на општините, ниту по број на жители, ниту по износ.

-Најголем дел од градоначалниците интензивно ги промовираа проектите во годината на локалните избори и во предизборието.

-За разлика од засиленото промовирање на проектите на почетокот, во 2024 и во 2025 година, речиси немаше слични јавни известувања и за значителното намалување на парите за проектите, по локалните избори, ниту образложение за причините за кратењето на средствата.

-Проектите беа квалификувани како „развојни“, бидејќи е предвидено нивно финансирање во тригодишен период иако значаен дел од нив се поправки, реконструкции или изградби на улици и слични локални инфраструктурни зафати.

-Отсуствуваат јасни информации како ќе се врши плаќањето на фирмите во период од три години, а за завршените проекти во 2025 година.

-Најголем дел од огласите за јавни набавки за првата транша на проектите предвидуваа кратки рокови за изградба на проектите, најчесто до октомври 2025 година, односно до месецот на одржување на локалните избори.

-Во значаен дел од анализираните општини се забележува доминација на една или на неколку фирми кои ги добиле договорите за јавни набавки за изградба на проектите.