Претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж денеска во Ниш изјави дека целта на состанокот на претставниците на Албанија, Северна Македонија и Србија, во рамки на регионалната иницијатива Отворен Балкан е да се намалат сите трошоци за компаниите до самитот во Тирана кон крајот на декември и од јануари 2022 да се забрза протокот на стоки меѓу овие земји.
„Во рамки на регионалната иницијатива Отворен Балкан, сакаме нашите камиони да не застануваат на граничните премини меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија, сите документи да бидат завршени што е можно поскоро, да си веруваме и да ги признаваме потврдите издадени во институциите на една од овие три земји., како да имаме единствени работни дозволи“, рече Чадеж, а пренесува ПКС.
Тој во Ниш, на состанокот на повеќе од 160 претставници на владите, државните администрации, институциите и стопанските комори на Албанија, Северна Македонија и Србија, рече дека единствените работни дозволи ќе им овозможат на граѓаните да работат без проблеми во три земји по едноставна апликација. Од гледна точка на пазарот на трудот, „ние не се третираме едни со други како странци, туку како дел од едно подрачје, што ја прават членките на ЕУ“.
Чадез потсети и дека се формира совет за имплементација, кој ќе биде задолжен за спроведување на се што е договорено.
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во Северна Македонија, Трајан Димковски, истакна дека реализацијата на иницијативата Отворен Балкан нема да биде лесна, но дека сите три влади заедно ќе се борат за таа да успее.
„Ќе разговараме како ќе ја спроведеме иницијативата, како да го зголемиме производството и трговијата меѓу нашите три земји и да ги намалиме бирократските процедури, додека не ги поништиме бариерите“, рече Димковски.