Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, на прес-конференцијата во пресрет на вечерашното градско дерби против Атлетико, кратко и остро ја коментираше изјавата на својот колега од Барселона, Чави Ернандез, кој зборуваше за помошта што „кралскиот клуб“ ја има од судиите.
Тренерот на Барса изјави дека „само слеп човек не гледа што се случува“ и со тоа го налути Италијанецот.
„Тоа е непрофесионално. Нема да се симнам на тоа ниво од почит кон шпанскиот фудбал. Не е професионално да се зборува за тоа“, изјави Анчелоти.
Вечерва од 21:00 часот Реал го пречекува Атлетико во 23. коло од Ла Лига и има шанса со победа да се одвои од ривалите на врвот на табелата.
Реал е лидер и со натпревар помалку и има 57 бода, еден повеќе од Жирона и седум од Барселона. Атлетико е четврти со 47 бодови.