Чавушоглу ќе го посети Ирак во обид за намалување на тензиите

од Aleksandar Petrovski
199 прегледи

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу утре ќе го посети Ирак во обид да се намалат тензиите по иранскиот ракетен напад врз две бази во Ирак, што ги користат американските сили.

– Чавушоглу ќе го посети Ирак во рамките на поединечните дипломатски напори на Анкара да ги смири тензиите по неодамнешните случувања во регионот, се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Претходно, турското МНР соопшти дека Чавушоглу разговарал со иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф.

Чавушоглу во понеделникот изјави дека Турција контактира со сите страни во регионот, како и со Вашингтон со цел да се намалат тензиите. Тој при тоа наведе дека Анкара ќе се ангажира да помогне во решавање на тоа прашање.

Иран истрела повеќе од 22 балистички проектили врз две воени бази во Ирак, а иранската Револуционерна гарда презеде одговорност, истакнувајќи дека нападите се „одмазда за убиството на командантот на единицата Кудс, Касим Сулејмани.

Пентагон потврди дека ракетите се лансирани од територијата на Иран при што се погодени базите Ал Асад и Ирбил, при што загинаа околу 80 американски војници.

Нападот се случи само неколку часа откако беше погребан генерал Сулејмани.

Американскиот претседател Доналд Трамп неколку часа по нападот напиша на Твитер дека „се е во ред“ и оти се утврдува бројот на жртвите и причинетата материјална штета.

– За сега се се одвива добро! Имаме најмоќна и најдобро опремена војска во светот!, напиша Трамп, кој најави дека во текот на денот ќе се обрати до нацијата.

Слични содржини