Чавушоглу тврди дека Грците убиле тројца мигранти, Атина негира

од Vladimir Zorba
227 прегледи

Вербалната војна меѓу Анкара и Атина околу мигрантската криза ескалираше кога турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу ги обвини грчките војници за убиство на тројца мигранти кои се обидоа да влезат во земјата. Атина ги негираше овие тврдења, пренесува Ројтерс.

„Ги видовме (грчките сили) како пукаат во мигранти, тројца мигранти беа убиени. Тие пукаат на нив додека бегаат“, рече Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција со шефот на британската дипломатија во Анкара.

Сепак, Чавушоглу не достави докази за ваквите тврдења, ниту пак ги обвини грчките безбедносни сили дека ги снабдувале земјоделците со ловџиски пушки на границата, со цел да пукаат во мигранти.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот изјави дека грчките сили убиле двајца мигранти и раниле еден, што Атина остро го демантираше.

„Ова вчера го отфрливме како дезинформација преку нашиот владин портпарол. Како може да има трета жртва кога вчера немаше“, праша портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повторно ја обвини Турција дека намерно ги охрабрува мигрантите да тргнат кон границата, нарекувајќи ја земјата „официјален шверцер на мигранти“.

Од друга страна, еден турски службеник за безбедност изјави за Ројтерс дека мигрант од Сирија починал на патот кон болница во провинцијата Едрене, Турција, во близина на грчката граница.

Според него, по првичниот преглед, утврдено е дека во неговото тело има куршум.

Турција минатата недела објави дека веќе нема да го почитува договорот на ЕУ од 2016 година, со кој се предвидува земјата да задржи стотици илјади мигранти на нејзина почва во замена за парична помош.

Оттогаш, околу 10,000 мигранти, главно од Сирија и други земји од Блискиот исток, како и Авганистан, стигнаа до копнената граница на Турција, Грција и Бугарија, земји членки на ЕУ.

Грчките безбедносни сили пуштија солзавец за да ги спречат да ја преминат границата.