Во време на меѓународната економска криза во периодот од 2009 до 2011 година, Србија под притисок од надвор беше принудена да се откаже од реалниот суверенитет, влијанието и своите институции во Косово, смета српскиот историчар Чедомир Антиќ. 
Според него, Србија имала некакви аргументи за постигнување историски компромис со Албанците, но ги загубила поради слепилото, нејасната политика и незаинтересираноста на водечките политички партии во тој период.
– Сосема е јасно дека денес всушност немам никакви „црвени линии“ во врска со решавањето на статусот на Косово и Метохија, вели Антиќ, додавајќи дека „црвена линија“ за решавање на косовското прашање можел да биде историскиот компормис што во 80-те години на минатиот век го предложи академикот Добрица Ќосиќ со идејата за поделба на Косово.
Тој смета дека идната Заедница на српските општини во Косово ќе ја има истата улога како и српскиот Заеднички совет на општините во Славонија, кој, како што вели, денес дејствува како невладина организација во Хрватска.
Антиќ наведува дека иако Белград инсистира на тоа дека Косово е дел од Србија, во српскиот Устав „Косово се споменува само на две места: во преамбулата и во заклетвата на претседателот“.
– Целата приказна за дијалогот (меѓу Белград и Приштина) е само начин за да се излезе во пресрет на барањата кои САД и ЕУ ги имаат кон Србија по прашањето на Косово, оценува Антиќ, додавајќи дека по 2001 година за меѓународната заедница Косово има ист третман како и сите останати поранеши југословенски републики.