„Нема да влеземе во авантура без јасен крај“, вели премиерот додавајќи дека се свесни за слонот во собата кој го донесе претходната власт. „Ние ќе се бориме, ова се историски процеси… ако треба и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет, а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес…“, беа зборовите на премиерот.
Мицкоски посочи дека за одредени политики, источниот сосед чекал со децении да се родат политичари како претходните кои беа на власт седум години, нагласувајќи дека Македонија е подготвена да чека доколку условите не се јасни и праведни. Во меѓувреме, ја завршуваме домашната преку реформската агенда, вели Мицкоски потенцирајќи дека очекува со јунскиот извештај за земјава да имаме најдобро испорачани резултати. „Ако некој очекува дека ќе најде марионети се лаже“, дециден е Мицкоски.
Закопани ли се надежите на Македонија за членство во ЕУ?
За јавноста голема е веројатноста дека уште долго ќе бидеме надвор од европското семејство. Се забележува дека и онака чекаме цели две децении , од добивањето на кандидатскиот статус до отпочнување на првите поглавја за членство во ЕУ. На крајот на денот, вели политичкиот аналитичаро Благојче Атанасоски, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ постојано ја повторувал мантрата дека „додека е тој премиер“, уставни измени за внес на Бугарите во Уставот, како услов без кој не се може,да се продолжат европреговорите е јасна, децидна и концизна надворешно-дипломатска „политика“.
„И меѓу другото и за тоа свое ветување доби референдумска поддршка на последните парламентарни,претседателски и локални избори во 2024 и 2025- та година,соодветно. Очигледно, граѓаните даваат поддршка и легитимитет на овој став“, вели Атанасоски во разговор за „Локално“.

Благојче Атанасоски-Фото: Фејсбук/Принтскрин/Алсат-М ТВ
Атанососки оценува дека Европската Унија веќе не се „заморува“ со Македонија.
-Едноставно вели: имате т.н. „француски предлог“, преземавте како држава рамка и патоказ и ја изгласавте во вашето Собрание и придржувајте се до неа. Тие тој веќе утврден став нема да го сменат. Не само поради Бугарија, туку и поради „правилата на игра“ внатре во Унијата. Сосема друго прашање е дали нам тоа ни се допаѓа како држава или не. Премиерот едноставно јавна на бранот на повеќе од 80% од ставот на македонските граѓани: не во ЕУ „под бугарски уцени и диктат“, истакнува Атанасоски.
Запрашан на кому му одговара оваа ситуација да сме заглавени во „мочуриштето“, соговорникот тврди на „корумпираната олигархија, корумпираните политички партии и елити кои всушност се кукли на конци на истата таа олигархија чиј господар им е ним“.
-На сите кои сакаат преку ноќ од голтари да станат милионери преку политика. Не им одговара на чесните граѓани кои сакаат достоинствен живот, функционални институции на системот, средено и квалитетно здравство и образование, пристојни плати и стандард и средена инфраструктура за живеење, нагласува аналитичарот.
Со оглед на ваквите пораки и желба за што подолго задржување на власт, Атанасоски смета дека Мицкоски ќе владее онолку долго, колку што ќе гласаат и ќе го легитимираат македонските гласачи и граѓани.

Премиерот Христијан Мицкоски на последната средба со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен – Фото: Влада
„За тоа многу повеќе ќе има улога македонската опозиција (која во моментов е непостоечка и целосно дефакторизирана), одошто некаков застој во евроинтеграциите. Еве Унгарија е 24 години членка на ЕУ, а Виктор Орбан е 16 последователни години на власт“, објаснува соговорникот.
На прашањето дали СДСМ и опозицијата може да преземе некаков чекор во тој поглед, освен пораки преку партиски соопштенија, Атанасоски вели:
„Оваа и ваква СДСМ сметам дека е само продолжена рака на олигархиската клептократска мафија и глуми квази опозиција, а во реалноста е соучесник на власта. И се дадени смешни петпарачки боливудски улоги да глуми „опозиција на батерии“, во која веќе никој не верува, ниту нивното симпатизерско гласачко тело, не пак пошироката македонска јавност. И во наредниот период ќе тонат максимално и ќе се занимаваат со внатрепартиски „чистки и пресметки“ кои уште повеќе и дополнително ќе ги дотепаат, веројатно до целосно и тотално маргинализирање и дефакторизирање на македонската политичка сцена“, заклучува аналитичарот.
Хронологијата на односите се ЕУ покажува повеќе од две децении битка за приближување до европското семејство. Во 1995 година Република Македонија воспостави дипломатски односи со Европската унија, а во 1996 година го потпиша првиот билатерален договор со Унијата – Договорот за користење помош од програмата ФАРЕ. Во 1997 година е потпишан е Договор за соработка, кој беше во сила сè до 2004 година. На 9-ти април 2001 година во Луксембург беше потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која официјално стапи во сила на 1 април 2004 година. На 22-ри март 2004 година Република Македонија и официјално поднесе Апликација за членство во ЕУ, во Даблин, за време на претседавањето на Република Ирска со Советот на ЕУ, а истата година ја донесе и Националната стратегија за интеграција во ЕУ. На 17-ти декември 2005 година стекна кандидатски статус за членство во ЕУ.
Преспанскиот договор потпишан во 2018 година меѓу Македонија и Грција, стави крај на долгогодишниот спор околу името. Со договорот, Македонија го промени уставното име во Република Северна Македонија, а за возврат доби поддршка за членство во НАТО и отворање на патот кон ЕУ. Договорот предвидува употреба на новото име во сите официјални документи, институции и меѓународни организации, без исклучоци.
Македонската европска приказна започна уште по осамостојувањето на земјата во 1991 година, кога партиите и од власта и од опозицијата постигнаа консензус дека иднината на Македонија е во ЕУ.
Н.П.