Ченто револтиран: Груби во куќен притвор, а јас 28 месеци во притвор

„Кога ќе ги гледам денешните правосудни аршини, не можам да премолчам. Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите“, вели еден од осудените за крвавите настани од 2017

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Фејсбук/Јане Ченто

Еден од осудените за нападот во Собраниетo на 27 април 2017 година, Јане Ченто со револт реагираше на одлуката за куќен притвор за екс-вицепремиерот Артан Груби. Ченто ја споредува оваа ситуација со одлуката за негов притвор додека беше во процес судскиот случај за крвавите настани од 2017 година.

Поранешниот осуденик вели дека „му се гади од лицемерието“.

„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор. Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома. Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.

Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното. Сѐ беше џабе. 5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.

На крај – правосилна пресуда во моја корист. Вистината исплива. Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати? Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам. Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите. Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме“, порача Ченто во јавната објава.

Лавина реакции предизвика одлуката за домашен притвор на поранешниот вицепремиер кој по 14 месеци бегство со распишана меѓународна потерница одлучи да се врати во Македонија. Обвинителството гарантира дека и ваквата мерка гарантира обезбедување на осомничениот. Но, реакциите на јавноста и на партиите не запираат, и одат дотаму за договорено сценарио за враќање на екс-вицепремиерот.

Министерот за правда Игор Филков побара Судски совет и Совет на јавни обвинители итно да свикаат седници и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител кои одлучиле затворскиот притвор да биде заменет со куќен, во случај поврзан со истрагата за проневера од над осум милиони евра.

Филков изјави дека досега не коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки, но дека во овој случај јавноста има право на одговори, особено затоа што станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, а ризикот од бегство веќе бил утврден.