Черних: Македонија има асеизмички градби кои можат да издржат земјотреси со очекувана магнитуда за нашата територија без да се срушат

од Nikola Popovski
880 прегледи

Директна поврзаност на земјотресите во Турција со сеизмичката активност на нашата територија нема, вели во разговор за „Локално“ раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при Природно – математичкиот факултет во Скопје, д-р Драгана Черних. 

Според неа, во случај на силен земјотрес, она што е загрижувачко е само распределбата на ослободената енергија во внатрешноста на земјината кора по раседните дислокации кои се во близина на жариштата на случените силни земјотреси. Доказ за тоа е мигрирањето на епицентрите во северните и источните делови на Турција.

-Силен потрес поттикнат од земјотресите во Турција со толкава магнитуда во Македонија не може да се случи. Ние имаме посебна, да ја наречам мрежа на раседни дислокации, кои имаат свои сеизмички параметри, кои не трпат директно влијание од раседните дислокации во Турција, информира Черних.

Околу контролата на градбите во Македонија и дали можат да издржат силни земјотреси, Черних порачува дека Македонија ги употребува изработените национални анекси на EURO COD 8 и има строга контрола на изградените објекти.

-Тие се асеизмички градби, кои можат да издржат земјотреси со очекувана магнитуда за нашата територија без да настанат конструктивни оштетувања, односно без да се срушат, посочува таа.

Причината за настанувањето на силните земјотреси, како последните катастрофални во Турција, тврди Черних се последица на напрегањата настанати од колизијата на Арабиската и Анадолиската микро плоча.

-Овие напрегања просторно се акумулираат во пограничните обласи помеѓу Турција и Сирија, вдолж Источно-Анадолискиот расед. Овој расед е дел од Источно-Анадолската сеизмогена зона, која се карактеризира со висока сеизмичка активност, со должина од околу 500 километри изразена преку активноста на мноштво паралелни или нормални сеизмички активни раседни дислокации. Доказ за тоа се и многубројните силни земјотреси со магнитуда поголема од 7.0 случени уште во минатото со тренд, кој е присутен и денес, објаснува соговорничката.

Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија, објаснува Черних, но и со податоците од другите сеизмолошки центри, анализата на афтершоковата (последователна) сеизмичка активност од двата силни земјотреси со магнитуди 7.8 и 7.6, укажува на формирање на две раседни сеизмички активни зони односно две сеизмички активни подрачја, кои се карактеризираат со висока сеизмичност, во која доминираат земјотреси во магнитуден интервал 3.0≤ML≤5.0.

-Ново формираното сеизмичко активно подрачје, се протега западно од Источно-Анадолиската раседна зона, како резултат на активноста на раседите кои припаѓаат во оваа зона. Ова може да се потврди и со анализата на макросеизмичките податоци од случените земјотреси, каде јасно се дефинираат овие сеизмички активни подрачја. Макросеизмичките податоци се од двата силни земјотреси со магнитуди 7.8 и 7.6, вели раководителката на Сеизмолошката опсерваторија.

Додава дека на овие два земјотреси се надоврзуваат макросеизмичките податоци од двата умерено силни афтершокови, првиот афтершок со магнитуда 6.7 (на земјотресот со магнитуда 7.8) и вториот афтершок со магнитуда 6.0 (на земјотресот 7.6).

Потенцира дека само во текот на 6 февруари 2023 г., овој сеизмички најактивен регион во Источниот Медитеран беше изложен на огромен број на земјотреси и тоа: 2 земјотреса со магнитуди ML≥7.0 , 3 земјотреси со магнитуди 6.0≤ML≤6.9, 24 земјотреси со магнитуди 5.0≤ML≤5.9  и многудруги со помали магнитуди.

Н.П.

Слични содржини