Чешката иницијатива „Муниција за Украина“ ќе се финансира со приходи од замрзнати руски средства

од Vladimir Zorba
31 прегледи

Дел од приходите од руските средства замрзнати на Запад, Европската унија ќе ги намени за чешката иницијатива „Муниција за Украина“ и на тој начин ќе овозможи купување на дополнителни стотици илјади парчиња артилериска муниција, најави денеска чешката министерка за одбрана Јана Чернохова.

„Тоа е единствена можност да и се помогне на Украина, да се користат извори на средства кои првично и припаѓале на Русија и да се заштедат јавните фондови на земјите од ЕУ“, сподели Чернохова на мрежата Х.

Земјите-членки на ЕУ во мај се согласија да ги користат приходите од замрзнатите руски средства за итна помош за Украина во оружје, приближно 1,4 милијарди евра, но чешкиот министер не прецизираше колку пари ќе бидат искористени за финансирање на набавка на муниција во трети земји во кои е посредник Чешка.

„Се работи за испорака на чувствителен воен материјал до земја која е во војна против агресор. Затоа не можеме да ги соопштиме деталите, бидејќи со тоа би можеле да ја загрозиме помошта за Украина“, рече Чернохова.

Петнаесет земји се приклучија на чешката иницијатива за набавка на 800.000 парчиња артилериска муниција од стариот постсоветски калибар и онаа што НАТО ја користеше за Украина во трети земји, а главни донатори се Холандија и Данска.

Од почетокот на летото доставени се 50.000 парчиња муниција, а до крајот на годината Украина треба да добие 500.000 парчиња.

Амбицијата на овој проект, во кој Чешка, благодарение на нејзините контакти во трети земји надвор од ЕУ, бара можни производители и посредува во склучувањето договори за испораки, што некои земји не сакаат да го признаат за да не ги нарушат односите со Русија, е да се создаде долгорочен механизам за испорака на артилериска муниција во Украина за одбрана од Русија.

Додека чешката влада е пофалена од своите сојузници дома, таа е критикувана од опозицијата предводена од лидерот на најсилната чешка партија АНО, поранешниот премиер Андреј Бабиш, но и од некои од партнерите во коалициската влада на премиерот Петр Фијала, заедно со обвинувањата дека чешките посредници заработуваат од оваа помош.

Сенаторот Лукаш Вагенкнехт од Пиратската партија, партнер во владата на Фијала, побара дискусија во Горниот дом на парламентот за иницијативата за муниција бидејќи тврди дека цените на претходните испораки се зголемени за 61 милион евра, поради прекумерната маржи на трговците, посредници во испораките.

„Поаѓам од информациите од документите што ми ги даде „свиркач“ од чешката државна администрација, но и информации од светските медиуми. Содржината на документите ми ја потврди претставник на украинскиот парламент. Цената за една граната турска муниција е 2.500 евра. Кога ќе се земат предвид транспортните трошоци, Украина би добила муниција по цена од 2.700 евра по парче. Чесите посредуваа при купувањето, кое на крајот го плати германски донатор за 3.200 евра по парче“, изјави Вагенкнехт за порталот Neovlivni.cz.

Министерката Чернохова го обвини сенаторот, кој инаку е шеф на Комитетот за контрола на јавните финансии, дека шири дезинформации извадени од контекст кои им служат само на интересите на Русија и повтори дека информациите за тие набавки се доверливи за Русија да не ги злоупотреби.

Владејачката коалиција ја блокираше парламентарната расправа за ова прашање.

„Ниту една од информациите што ги добив и проверив не беше доверлива. Наводно, се е строго доверливо, а се што е важно како што е купувањето, колку парчиња ќе се купат, времето на испорака на муницијата може да се најде на интернет“, изјави чешкиот сенатор.

Според сознанијата на Вагенкнехт, Украина можела да добие околу 20.000 парчиња муниција повеќе, доколку трговците и посредниците не ги надувале цените.

Слични содржини