Претседателот на Собранието Талат Џафери по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Северна Македонија.
„Дозволете да споделам со вас чувство на гордост што овој празник што е дел од празниците утврдени со закон за изразување почит кон културата, идентитетот и посебноста на секоја заедница која е неделив дел од општественото ткиво на Република Северна Македонија, го празнуваме во еден поинаков дух кој што вдахнува, затоа што образувањето, творењето и негувањето на мајчиниот јазик е од мултидимензионално значење за секоја заедница која е составен дел од ова општество“, пишува Џафери во честитката.
Турската заедница, како мост на поврзување со Република Турција која е докажан пријател на нашата земја, потенцира тој, има голем придонес во градењето на подобро, поправедно, подемократско и похумано општество за сите граѓани а економската соработка е одличен пример дека кога се има искрена волја за доброто и благосостојбата на граѓаните, ниту една граница не претставува препрека.