Четири награди за претставата „Народен непријател“ и Македонскиот народен театар на 56. МТФ „Војдан Чернодрински“

од Vladimir Zorba

На денешната прес-конференција од страна на оценувачката комисија на 56. МТФ „Војдан Чернодрински” – Прилеп се соопштија одлуките на наградените.

Во официјалната фестивалска програма на која учествуваа осум претстави во продукција на македонски театарски куќи, како и Македонскиот народен театар со претставата „Народен непријател” од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, едногласниот став и оценка на жирито во состав: Љупчо Ѓорѓиевски – режисер, Бесфорт Идризи – актер и Сотир Трајков – театарски критичар, го истакнаа следново — наградата за уметничко остварување се доделува на претставата „Народен непријател” во режија на Нина Николиќ; наградата за главна машка улога во истоимената претстава се доделува на Никола Ристановски, наградата за сценографија е доделена на сценографката Вишња Вујовиќ и четвртата награда се доделува за рекламен материјал на Димитар Димитров.

Во претставата играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.

Слични содржини