Невремето во Скопје предизвика оштетувања на кровни конструкции, на повеќе места се паднати дрва и бандери со кабли, што заедно со поплавените подвозници и делови од сообраќајниците го отежнува сообраќајот и движењето на граѓаните.
-По невремето што зафати дел од градските и приградските населби на град Скопје од страна на Е – 112 до РЦУК Скопје стигнаа 40 – тина меилови. Триесетина од нив се однесуваа на паднати дрва на различни локации во градот кои го попречуваат движењето на граѓаните и одвивањето на сообраќајот, паднати бандери со струјни и телефонски кабли. Сите меилови беа препратени до дежурниот во ЈП Паркови и Зеленило, диспечерскиот центар на ЕВН Македонија, А1, Телекабел и Телеком, информираат од Центарот за управување со кризи.
Се споделуваат информации за штети во скопските населби Лисиче, Ченто, Драчево, каде паѓаше град, како и за поплавувања на сообраќајници во општините Бутел, Чаир.
Центарот за управување со кризи ги сумира јавувањата од граѓаните и дополнително ќе информира за сите пријавени штети.