Четиригодишното дете од несреќата кај Рашче наскоро ќе биде пуштено на домашно лекување

од Nikola Popovski
26 прегледи

Повреденето дете од вчерашната несреќа во скопско е во стабилна состојба и наскоро може да биде пуштено на домашно лекување. Ваква информација со јавноста сподели директорот на Детска хирурија во Скопје, Лазо Јовчески. Според него, детето не е витално загрозено.

Јовчески информира и дека вчера имале интензивен мониторинг, а денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, по што ќе биде пуштено на домашно лекување.

Автомобил вчера попладне излета од патот и падна во реката Вардар на локалниот пат во близина село Рашче во правец накај Сарај. Инцидентот бил пријавен вчера околу 16 часот, по што на местото веднаш пристигнала полиција и екипа на Итна медицинската помош. Во автомобилот извлечен од реката се пронајдени тела на три жени.

Продолжува потрагата по маж, за кој се претпоставува дека бил во автомобилот. Екипи на СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции со физичко пребарување и пребарување со два дрона од страна на САЕ Тигар и Единицата за брзо распоредување преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето.

Претходно полицијата извести дека случајни минувачи донеле четиригодишно дете во клиниката „Св. Наум Охридски“, кое потоа било пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.

МВР го објави и идентитетот на лицата кои биле во автомобилот марка „ауди“ – Н.А. (23), В.А. (25) и З.А. (59), сите од селото Грчец, скопско. Се трага по А.А. (56).

Слични содржини