Четвртина од границата меѓу Словенија и Хрватска е оградена со жица

од desk2
94 прегледи

На копнената граница меѓу Словенија и Хрватска долга 671 км досега од словенечка страна поставени се 116 км на ткн. „технички препреки“ за спречување илегални премини.


Ова го изјави министерката за внатрешни работи на Словенија, Весна Ѓеркеш Жнидар, во писмен одговор на пратеничко прашање.

Поставувањето на ткн. жилет -жица Словенија го почна есента 2015 година, а откако се смири бегалската криза, дел од препреките е заменет со ткн. панел-ограда со зелена боја.

На границата во моментот има 53 км панел ограда и 113 км жилет-жица, најмногу на местата кои бегалците ги користеа за премин.

Според наводите на министерката, на границите со полицијата соработува и дел од војската и тоа поради заштита на зелената граница со Хрватска, која воедно е и надворешна граница на Шенген зоната.

Според податоците на Минстерството за внатрешни работи на Словенија за осум месеци од годинава, забележани се 1.275 илегални премини, а меѓу нив најмногу биле Авганистанци.

Словенечкиот премиер Миро Церар во петокот на маргините на неформалниот европски самит во Талин со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон разговарал за Шенген.

Зоната на Шенген опфаќа 26 земји-членки на ЕУ и функционира како подраќје на една земја, со традиционални контроли за оние кои влегуваат или излегуваат од тоа подрачје,но без внатрешни гранични контроли.

Некои земји поради бегалската криза воведоа и внатрешни гранични контроли. Во Шенген зоната освен Бугарија и Романија, не е и Хрватска.