Член на Хамас: Малкумина знаеле за нападот, Иран и Хезболах влегуваат во битка ако се случи една работа

од Stefanija Kuzmanovska
410 прегледи

Висок функционер на милитантниот палестински Хамас, Али Баракех, рече дека само мала група водечки команданти во Газа знаеле за големиот упад на израелска територија и дека „сојузниците како Иран и либанскиот Хезболах ќе се приклучат во борбата доколку Газа биде нападната“.

Баракех рече дека нападот го планирале само неколку команданти од Газа и дека ниту најблиските сојузници на групата не биле однапред информирани за времето на нападот.

Тој ги негираше извештаите дека иранските безбедносни сили помогнале во планирањето на нападот или дале зелено светло на состанокот минатата недела во Бејрут, пренесува АП.

„Многу малку команданти на Хамас го знаеја времето на нападот. Никој од централната команда или политичкото биро на Хамас не беше во либанскиот главен град минатата недела“, додаде претставникот на Хамас.

Тој призна дека Иран и либанскиот Хезболах му помагале на Хамас во минатото, но додаде дека од војната во Газа во 2014 година, Хамас гради свои ракети и тренира свои борци.

Баракех истакна дека дури и во Хамас се шокирани од обемот на операцијата, наречена „Бура Ал Акса“, велејќи дека очекувале Израел да го спречи или ограничи нападот.

„Бевме изненадени од големиот пад на Израел. Планиравме да направиме некој напредок и да земеме затвореници за да ги размениме“, рече тој.

Во саботата наутро Хамас изврши ракетен напад врз Израел, по што следеше упад од Појасот Газа, на што Израел жестоко одговори. Во конфликтите досега загинаа повеќе од 1.600 луѓе на двете страни.

Слични содржини