Членови на ДПМ: Николовска да испрати дневен ред и Деловник за Вонредното изборно собрание

од Nikola Popovski
188 прегледи

Зад реакцијата и јавниот повик упатени од македонските писатели по последните настани во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), застануваат уште писатели – членови на ДПМ. Реакцијата и јавниот повик ги потпишаа и: Санде Стојчевски, Љубинка Донева, Весна Ацевска, Бранко Цветкоски, Гордана Јовиќ-Стојковска, Борче Панов, Соња Стојменска-Елзесер, Лилјана Пандева, Сашо Огненоски, Ана Мартиноска, Игор Анѓелков, Диме Ратајкоски, Снежана Младеновска Анѓелков, Снежана Стојчевска, Марија Гиревска, Јулијана Величковска и Милена Ристова-Михајловска.

Македонските писатели, меѓу другото, гласно порачуваат дека по последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа. Следствено на тоа, ја повикуваме претседателката на Собранието, Кристина Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, за Вонредното изборно собрание, веќе закажано за 25.11.2023 (сабота) да подготви и да испрати до членството Дневен ред на Собранието, како и Деловник за Вонредното изборно собрание, со повик за доставување кандидатури за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, за заинтересираните да можат да ги исполнат своите обврски во согласност со роковите предодредени со Статутот.

Писателите и нагласуваат дека сите реакции, критики и барања од страна на членовите на ДПМ во изминатиот период се поттикнати од лошото раководење и функционирање на Друштвото. Притоа и порачуваат дека лошото раководење и функционирање на ДПМ се во спротивност на националните и на сите други интереси на нашата писателска и културна заедница. ДПМ има важно историско значење за македонската култура и држава, а со тоа и за националниот идентитет, и мора да има општествена одговорност и цврста позиција во денешницата.

Потписници на реакцијата и повикот упатени вчера, најпрво беа членовите на ДПМ: Влада Урошевиќ, Димитрие Дурацовски, Славе Ѓорѓо Димоски, Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска, Виолета Танчева-Златева, Зоран Јакимовски, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Игор Станојоски, Румена Бужаровска, Ирена Јурчева, Славица Гаџова-Свидерска, Драгана Евтимова, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Иван Антоновски, Михајло Свидерски и Никола Илијовски.

Ова следува по неотповикливата оставка на Христо Петрески од функцијата претседател на ДПМ, по свикувањето Вонредно изборно собрание од Претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска и по повлекувањето на Христо Петрески на неговата неотповиклива оставка, која како што велат е постапка без преседан.

Слични содржини