Членови на Судскиот совет доставија оставки до Лога од Советот на ИКТ во знак на поддршка за судијата Нанев

од Nikola Popovski

Членовите на Судскиот совет, судијата Лорета Горгиева и м-р Миљазим Мустафа, доставија оставки до министерот за правда, Кренар Лога и се повлекоа од членство во Советот на ИКТ, бидејќи сметаат дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно, соопштуваат од Судскиот совет.

– Советот на ИКТ дејствуваше како тим со неговиот претседател Лазар Нанев и заменичката, проф. д-р Гордана Лажетиќ и затоа сметам дека нема простор за мое натамошно учество, се вели во оставката на судијата Георгиева, пренесуваат од Советот.

Во образложението на оставката на м-р Мустафа, како што дополнуваат, наведува дека по разрешувањето на претседателот на ИКТ од страна на mинистерот за правда Лога, и изнесените инсинуации за неправилно работење на Советот на ИКТ, како и по тврдењата на ресорниот министер за реформирање на истоимениот Совет, нецелисходно е понатаму да се биде член во ова тело.

– И покрај сѐ, горд сум што бев член во тело што ги постави темелите и ги воспостави насоките за дигитално судство и успеа да воведе алатки и сервиси кои ќе го олеснат пристапот на граѓаните до правдата и на правосудните органи, а со тоа и зголемување на довербата на правосудството, наведува Мустафа.

Пред неколку Лога соопшти дека судијата и претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, судијата Лазар Нанев се ослободува од функцијата член на Советот за ИКТ и со тоа од функцијата претседател на ова тело.

-По добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирав дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија. При тоа, морам да истакнам дека евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија, истакна Лога.

Министерството за правда, кажа Лога, покрај сите превземени обиди не успеа да дојде до сознанија за било какви мерки кои Судскиот совет ги има преземено со цел испитување на фактичката состојба и утврдување на одговорност врз основа на сите доставени писмени наводи и индиции за судијата и Претседател на судот во Кавадарди.

Во рамките на своите активности Советот за ИКТ предлага, создава, спроведува и обезбедува ИКТ решенија, што имаат за цел зголемување на ефикасноста и транспарентноста на правосудниот систем, како и централизирање на информатичките системи воспоставени во Судскиот совет, Советот на Јавни обвинители, Врховниот суд, сите судови и обвинителства, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции и казнено-поправните и воспитно-поправните установи и Акакдемијата за судии и јавни обвинители, заради обезбедување на брз, автоматизиран и непречен пристап до податоци, како и нивна меѓусебна интероперабилна размена.

Слични содржини