Чоловиќ Лешоска: Напорите за отстранување на изворите на загадувањето ќе дадат резултати, но наредната сезона

од Aleksandar Todeski
563 прегледи

Се зголеми буџетот на инспекторите и се вработија нови инспектори кои треба да обезбедат дека не се нарушува животната средина. Во одредени случаи, инспекторатите се одговорни и известуваат за состојбата, прекршокот и казните, но во одредени, особено и надвор од главниот град, тие не реагираат на пријавите, вели Ана Чоловиќ Лешоска во интервју за Локално.

За случајот со Охис, таа вели дека ја покажува состојбата во која живееме веќе неколку децении.

„Како државна сопственост не се јавува само Охис туку и сето загадување, односно хемиски и токсичен отпад кој е создаден како резултат на неговото работење, Оттука, Владата морала да сноси одговорност за правилно отстранување на сите хемикалии од територијата на Охис. Хаваријата покажува ниско ниво на одговорност, состојба која за жал, доколку не се промени ставот на надлежните ќе стане наше секојдневие. Граѓаните сѐ почесто ќе бидат недолжни жртви на неодговорното делување на индустријата, што е навистина поразително. Здравјето нема цена, но затоа вреди да се вложи во негова заштита. На долг рок, вложувањето во јавното здравје е единствениот клуч за среќно општество“, вели Чоловиќ Лешоска.

Загадувањето е тука и оваа зимска сезона, надлежните смируваат дека прават се, дури и повеќе од тоа што е во нивна надлежност, да го решат проблемот. Каков е вашиот став околу ова прашање?

Согласно последната анализа на „Еко-свест“ надлежните спровеле околу 30% од мерките кои ги ветиле пред околу 2 години. Станува збор за анализа на предложени и усвоени мерки од страна на сите надлежни институции- членки во Интерсекторската работна група за аерозагадување.

Што се однесува до надлежностите, за жал имаме министерства кои и покрај обврската и надлежноста да казнат за недозволени активности и загадување на животна средина (МВР) сеуште се оградуваат од оваа нивна одговорност. Меѓусебната комуникација и координација на надлежните институции исто така мора да се подобри за да има ефект на терен.

Дали сликата на терен е застрашувачка со оглед дека штотуку започна грејната сезона?

Во ноември за среќа имаме добри метеоролошки услови и загадувањето не е толку високо како останати години во истиот период. Но, тоа не значи дека таа состојба ќе остане таква. Најверојатно ќе имаме загадена зима како и секоја друга година. Уверени сме во тоа дека се направени напори за отстранување на изворите на загадувањето, но ефектите можеби нема да ги видиме оваа, туку наредната сезона.

Дали надлежните реагираат соодветно?

На притисокот на јавноста се зголеми буџетот на инспекторите и се вработија нови инспектори кои треба да обезбедат дека не се нарушува животната средина. Во одредени случаи, инспекторатите се одговорни и известуваат за состојбата, прекршокот и казните, но во одредени, особено и надвор од главниот град, тие не реагираат на пријавите.

Законот за возила, кој неодамна претрпи измени за да се овозможи воведувањето на еколошка налепница (за нивото на емисии на возилата) беше изменет во последен момент и како резултат, налепницата е опционална, а не обврзна за секое возило. Со тоа, мерката за воспоставување на зони во градовите согласно емисиите паѓа во вода.

Законот за забрана за согорување јаглен во домаќинствата кој беше предложен од Еко-свест и широко прифатен од институциите во средината на оваа година, и всушност беше една од препораките на Собранието на РМ, одеднаш не се смета за приоритет и најверојатно нема да се донесе, освен ако за тоа повторно не се направи јавен притисок. Јагленот е канцероген и многу штетен за нашето здравје и особено опасен за оние кои го користат во домовите.

Во Куманово се појавија енормни вредности на ПМ честички како резултат на работата на болницата (која имала систем за греење на мазут). Наместо итни мерења со мобилна станица и итно менување на системот за греење, институциите предлагаа да се постават нови мерни станици на други локации во градот.

Генерално земено, ние не гледаме дека кај институциите постои чувство на одговорност за превземени и непревземени мерки, што покажува дека системот на функционира и општеството ги има изгубено основните вредности. Сѐ додека е така, нема да може да очекуваме подобрување на состојбата со животната средина во нашата држава.

Кој е вашиот предлог? Да има прецизно мерење во одделни региони и да се истражува кој и што загадува, или тие ресурси да се наменат за реално справување со ситуацијата со аерозагадаувањето?

Освен што е неопходно да се обезбедат финансии за непречено работење на надлежните институции на проектите и активностите кои ќе го намалат загадувањето, мора и да се подобрат нивните капацитети за да можат да ги подготват, реализираат и мониторираат тие проекти и активности. За жал, овој проблем кој е многу реален, не е видлив за јавноста. Еколошките такси мора да се собираат во Фонд кој ќе биде наменет за проекти и мерки за заштита и унапредување на нашата животна средина. Мониторинг мрежата мора да се прошири и да ги покрива сите градови во државата, а врз база на тие податоци, надлежните институции да креираат мерки и активности кои ќе одговорат на реалните потреби.

Сите институции можат да превземат акции за самите да го намалат загадувањето на воздухот и треба активно да промовираат алтернативен транспорт, пешачење, намалување на отпадот и одржливо живеење. Истовремено, казните мора да станат високи и строги кон оние кои не го почитуваат законот, и да демонстрираат одговорност за сторената штета, но и да обезбедат ремедијација, или отстранување на штетата.

Како го коментирате случајот со Охис?

Актуелниот случај со Охис ја покажува состојбата во која живееме веќе неколку децении. Како државна сопственост не се јавува само Охис туку и сето загадување, односно хемиски и токсичен отпад кој е создаден како резултат на неговото работење, Оттука, Владата морала да сноси одговорност за правилно отстранување на сите хемикалии од територијата на Охис.

Хаваријата покажува ниско ниво на одговорност, состојба која за жал, доколку не се промени ставот на надлежните ќе стане наше секојдневие. Граѓаните сѐ почесто ќе бидат недолжни жртви на неодговорното делување на индустријата, што е навистина поразително. Здравјето нема цена, но затоа вреди да се вложи во негова заштита. На долг рок, вложувањето во јавното здравје е единствениот клуч за среќно општество.

Што може да се очекува во земјава во наредните педесет години според сценаријата за климатските промени?

Последните проценки на Меѓувладиниот панел на научници за климатски промени покажуваат дека доколку светот продолжи да троши ресурси и да согорува фосилни горива како досега- сценариото за нашата земја се екстремно високи температури и значително намалување на дождовната сезона. Намалувањето на облачни денови би довело и до зголемена сочева радијација, а помалку дожд секако ќе значи пролонгирани сушни периоди.

Според овие проценки најранливи сектори на климатските промени во нашата земја се водените ресурси, земјоделство, здравство, биолошка разновидност, шумарство, туризам и ризици од катастрофи и тоа по тој редослед.

Дали граѓаните се свесни за климатските промени? Што може секој граѓанин како поединец да направи?

Во Македонија досега воопшто не се зборуваше за климатските промени и беа маргинализирани дури и повеќе од сите проблеми во секторот животна средина. Интересот на медиумите и граѓаните за климатски промени порасна по страшните пожари на Сибир, Арктикот и Амазон. Граѓаните сакаат да се информираат, меѓутоа интересно е што постојано слушаме како нашата земја е мала и е најмалку виновна па и дека не може ништо да направи, а тоа едноставно не е вистина. Замислете што би се случило сите мали земји во светот да ги откажат своите заложби и напори за ублажување на климатските промени?

Kако потрошувачи имаме огромна моќ да влијаеме на климатските промени. Можеме да побараме поволни субвенции да фотоволтаици на домаќинства, средства за топлинска изолација на домовите, да штедиме електрична енергија, да конзумираме помалку месо, да не купуваме храна во амбалажи, да си носиме торба за пазарање со нас, реупотребливо шише за вода, повеќе пеш и со велосипед помалку автомобил. Да купуваме само локално произведена храна и тоа директно од производителот. И на крај, активно да се вклучиме во процесот на носење одлуки и да бараме од носителите на одлуки да носат поамбициозни мерки и политики.

Што вие како здружение правите периодов?

Еко-свест активно ги следи и учествува во процесите во енергетскиот сектор, како сектор кој има најголемо влијание да придонесе ама и да ги ублажи климатските промени. Бараме од носителите на одлуки да носат тешки и непопуларни одлуки и да се движат во насока на економски развој кој ќе оди во насока на заштита на климата и здравјето на граѓаните. Во последниве две години работиме на информирање на пошироката јавност за причините и последиците од климатските промени како тие би можеле од носителите на одлуки да бараат конкретни мерки за ублажување и прилагодување на земјата на климатските промени.

Х.С.

Слични содржини