Можеби нема да погрешиме ако кажеме дека секое време, секоја епоха има свои особености. Сегашноста сепак, ценети читатели, е тотално безумие: виртуелен секс, електронско општество во социјални мрежи, цигари со батерии, вибратори со далечински, секакви луди игри …
Зарем овој компот од електрицитет навистина може да ја замени реалноста,внесувајќи нè во својата симулација?
Не, јас не сум кисел дедо пред блокот кој плука по сè, бидејќи тао е досадно. Јас сум од оние луѓе кои беа воодушевени од компјутерската технологија, но сепак во исто време играа жмурка низ блиските улички.
Некако ја правам споредбата – како деца ние комунициравме лице в лице, се смеевме очи во очи, се каравме его против его. Сега сето тоа е збркано, сè случува во реалноста на компјутерската визуелизација, во кабел со многу влакна, снабден со перверзниот сигнал од целиот свет.
Интернетот ги преврте претставите на светот за комуникација, ја направи толку лесна што таа напаѓа. А, човекот се хипнотизира, всушност како да е проколнат. Неговото лице сега е украдено од 5-инчен екран, кој сè повеќе и повеќе ја поробува неговата кревка свест.
Што толку лежи во тоа мониторче? Зарем тајната на животот или некоја друга врховна егзистенција наоѓа манифестација на пикселите на екранот на допир? Не, во мрежата се пројавува само човечката желба да контролира во слободна средина – тој да биде шеф, движејќи сè само со палецот.
Но овој живот е лажен, во него нема ништо вистинско – ниту емоциите кои ги чувствуваме кога саканиот е далеку, ниту доматите кои ги садиме во градината. Ние сме во Матрикс, виртуелен простор кој нема никаков вкус, недостасува неговиот мирис, пулс, животворен сок, пламен, абе нема живец!
Го избравме овој пластичен свет за удобна алтернатива на реалноста која сме ја оставиле на самоволие-никаде.
Во правилна насока сте, чувствувате што доаѓа. Време е да направиме избор. Ако сакаме да се вратиме во реалноста и да сме среќни, треба да ги исфрлиме смартфонот, таблетот, да ги избришеме профилите на социјалните мрежи.
Интернет ни го краде времето, нашите животи. Тој е како чума или друга напаст, која се развива во светот како онколошки заболувања со метастази. Треба да го напуштиме електричното поле на шарени слики и секакви глупости, за да разбереме што пропуштаме – безгранична природа, убави и различни луѓе и најчесто вистината – вишата вистина и доблест за луѓето. Таа е љубов.
А.Г.