„Чудо од дете“ го покори „Нетфликс“: Која е тајната на серијата што го освои светот? (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Хит серијата „The Queen’s Gambit“ беше премиерно прикажана на 23 октомври на стриминг платформата „Нетфликс“, а за само неколку дена мини серијата го достигна врвот на списокот на гледаност во голем број земји.

За еден месец од премиерата, оваа серија привлече дури 62 милиони гледачи, што ја прави најгледана мини-серија на платформата „Нетфликс“.

Серијата, базирана на истоимениот роман од Валтер Тевис во 1983 година, е приказна за девојка која го зазема своето место во сферата каде доминираат мажите. Пречка за нејзината непоколеблива амбиција не е ниту осудата на општеството ниту пречките во индустријата, туку нејзината голема зависност од дрога и алкохол.

Заплетот на серијата се одвива во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век и се одвива во Соединетите Американски Држави.

Елизабет Хармон (Ања Тејлор Џој) е осумгодишно девојче кое по смртта на нејзината мајка, која почина во сообраќајна несреќа, е сместена во сиропиталиште каде случајно ја открива љубовта и неверојатниот талент за шах.

Откако едно семејство ја посвои од сиропиталиште, Елизабет започна да влегува во шаховски турнири и стана национално и меѓународно позната по својата интуитивна игра и жестоките шаховски напади.

Добро раскажаната приказна, со одличен дизајн на костуми, музика, сценографија, сценарио и глума е вистинско задоволство за сите љубители на серијата.

Францускиот велемајстор Ентони Вириг рече дека оваа серија е „нешто најдобро што некогаш го видел за шахот“, а слично размислува и Бахар Кватли, претседателот на Француската шаховска федерација.

Ова не треба да нè изненади толку многу, имајќи предвид дека „тајната на успехот“ веројатно се крие во стручните советници – тоа беа поранешниот светски шампион и еден од најдобрите шахисти во историјата, Гари Каспаров, како и Брус Пандолфини, кој важи за најдобар американски учител по шах.

Но, драмата, која ја раскажува измислената приказна за детето чудо, не само што го привлече вниманието на луѓето. Шаховски веб-страници, трговци и велемајстори велат дека серијата предизвика огромен интерес за самиот шах.

Интернет продавницата eBay рече дека во Америка продажбата на шаховски комплети е зголемена за 60% од минатата година, бидејќи се повеќе луѓе поминуваат време дома. И од појавувањето на серијата, продажбата на шаховски комплети и додатоци скокна за 215%. Дрвени шаховски комплети се најпопуларни, а винтиџ сетови се исто така на побарувачката. Продажбата на книги поврзани со шах во Америка скокна за дури 603%.

Во меѓувреме, милиони луѓе се свртуваат кон Интернет за да играат шах на страници како Chess.com, Chess24, weChess и Internet Chess Club..

Американската шаховска федерација забележа најмногу членови од почетокот на пандемијата во средината на овој месец, а стотици жени се пријавија за почетни часови.

Дали сте ја гледале серијата што ги руши сите рекорди?

Слични содржини