Чулев: Денешната одлука на Пендаровски отвора сомнеж дека е донесена од политичко влијание

од Берта Китинска
190 прегледи

По денешната прес конференцијата на Претседателот Пендаровски на фејсбук се огласи и техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев кој вели дека носењето на одлуки тераба да биде во интерест на здравјето на граѓаните.

Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:

„Прво, носењето на одлуката за непродолжување на вонредна состојба без да се консултираат најважните институции во државата отвора кај мене сомнеж дека одлуката е донесена повеќе врз основа на политичко влијание, а многу помалку врз основа на стручното мислење и реалните аргументи со кои располагаат институциите, стручни аргументи кои до сега беа тема на дискусија на седниците на Советот за безбедност. Факт е дека бројот на заразени од коронавирусот изминатите неколку денови е голем и истиот треба да биде причина за многу посериозен пристап, не само при носењето на оваа важна одлука, туку и при постапувањето на сите инстититуции кои имаат одговорност во овој процес.

Второ, Претседателот Пендаровски во одговорот на новинарските прашања истакна дека при донесувањето на одлуката се консултирал единствено со Министерот за здравство, но веројатно не чувствувал потреба да се консултира и со Министерот за внатрешни работи од истата Влада, кој раководи со институцијата која во голем дел е вклучена и има одговорност за справување со коронавирусот. Неговата позиција, не дозволува одлуките кои се носат да бидат донесени без консултација со сите релеватни фактори, а уште помалку доколку во прашање е здравјето на граѓаните.

Трето, во дел од изјавата индиректно ме обвинува за непостапување на Министерството за внатрешни работи и овие обвинувања се паушални и неосновани и истите се темелат единствено на изјави на одредени политичар од власта, а не на постапувањето на полициските службеници и бројот на констатирани прекршоци од страна на МВР за што говори и бројот на поднесоци до надлежните институции. Во таа насока во оваа прилика ќе потенцирам дека од страна на полициските службеници до сега се констатирани 5411 непочитувања на мерката на ограничување на движење, во однос на обврската за носење заштитна опрема до сега констатирани се 12399 прекршоци, направени се преку 180 илјади контроли на лицата во изолација и самоизолација и во соработка со Државниот пазарен инспекторат период направени се преку 20 илјади контроли на угостителски објекти.

Факт е дека на државата и се потребни функционални институции кои ќе ја вршат својата работа, но здравјето на граѓаните е пред се и тоа треба да биде врвен приоритет за сите нас и во таа насока апелирам до сите политички чинители да бидат максимално одговорни при носењето на сите важни одлуки за нашата држава. Уште еднаш потенцирам дека изборите мора да бидат фер и демократски и освен здравјето на граѓаните, тоа е најважен услов кој треба да биде испочитуван при носењето на овие одлуки.

Уште еднаш апелирам политиката да ја тргнеме на страна и да се издигнеме над партиските интереси, во таа насока важно е да не дозволиме здравствената и економска да прерасне и во политичка криза.

Прво, да го заштитиме здравјето на граѓаните, а потоа да размислуваме и за враќање во нормала на функционирање на демократскиот систем на државата“ напиша Чулев.

Слични содржини