Кога премиерот јавно ќе даде изјава дека некој планира безбедносна дестабилизација на државата, тоа мора да е многу сериозна и многу добро проверена работа, за која претпоставувам веќе се преземаат конкретни активности од МВР, па и сите безбедносни слузби, а со оглед на тоа дека се работи за активности планирани во следните 30-етина дена, верувам дека веќе се обезбедени и голем дел од доказите, вели за „Локално“, професорката и аналитичарка на политичките состојби во државата, Ана Чупеска, во однос на најавите на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски дека опозициската ДУИ наесен преку протести планира дестабилизација на државата.
Со самата изјава, додава професорката, доколку не е така, мислам дека ќе се загрози истрагата и тоа би било многу штетно за спроведување на правдата.
-Затоа очекувам дека наскоро ќе има точни и конкретни активности што е планирано, кој ги планирал (посочени се ДУИ), но кој поточно, на кој начин и со какви дејствија е планирана оваа активност и искрено се надевам и верувам дека сите инволвирани ќе бидат изнесени пред лицето на правдата во најкраток можен рок, истакна Чупеска.
Соговорничката не верува дека на вакви или слични безбедносно чувствителни теми некој би барал алиби за одредени други работи.
-Тоа би било пред се политички незрело и многу опасно, затоа мислам дека наскоро ќе имаме точни и конкретни информации за ваквите индиции, истакнува Чупеска.
Според неа, факт е дека во изминативе 20 години, ДУИ е клучен дел од владеачката коалиција и почнувајќи од еден многу чувствителен период кога почнува да се спроведува Охридскиот рамковен договор, кој, како што вели Чупеска, не ретко беше и злоупотребуван во насока пред се на популистички цели преку кои ДУИ се претставуваше како единствен релевантен претставник и „борец“ за Албанците и колективните права.
-Сепак мислам дека со самите фракции во партијата кои веќе станаа и дел од движењето ВЛЕН, тој мит е разбиен и сметам дека сепак ДУИ нема сериозни капацитети за некои критични безбедносни импликации, иако не е исклучено потикнување на радикализација во внатрешните етнички односи, оценува професорката.
Ќе ги употребиме сите демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните, истакна партискиот портпарол на ДУИ, Арбер Адеми коментирајќи ја изјавата на премиерот дека имал информации за дестабилизација на државата. Адеми истакна дека Владата мора да го одрази меѓуетничкиот легитимитет, вистинскиот претставник во централната власт е токму нашата партија, дополни Адеми.
На Централното претседателство на ДУИ на кое присуствуваше најтесното партиско раководство, разговарано е и за барањето на ДУИ за ветинг на сите политичари но и за луѓето од судството, обвинителството и бизнисот.
На највисокото партиско тело на ДУИ се дискутира и за организирање на годишнината од Охридскиот рамковен договор.
„ДУИ е потврдена политичка партија која секогаш се залага за добро на граѓаните. Ние продолжуваме со истите политики кои носат подобро утро за сите граѓани перспектива за сите. Ние се залагавме и се залагаме за нашата западна ориентација на нашата земја, а тоа беше и членството во НАТО и како втора стратешка цел останува членството во ЕУ, но исто така велиме дека ќе ги искористиме сите демократски механизми што ни се на располагање за да се санкционира, да се почитува волјата на граѓаните изразена на слободни и демократски избори. Тоа значи дека Владата мора да го одрази меѓуетничкиот легитимитет“, рече Адеми.
Од партијата на Ахмети го повторија претходниот став дека секогаш имале визионерски политики за доброто на државата.
Предлогот на интегративците за меѓународен ветинг за висока корупција е обид за политичка амнестија за сторениот криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Порачуваат, партијата на Ахмети да не се крие зад вакви маневри. СДС и ДУИ, пред да зборуваат за меѓународен ветинг треба да имаат домашна одговорност за сторениот криминал. Целата им е заштита на милионските бизниси со нула денари влог.
„Каде беа СДС и ДУИ да зборуваат за ветинг кога се трошеа милионски суми на набавки на рент-а-кар возила за два дена? Каде беа СДС и ДУИ кога фирмите блиски до нив го зголемуваа имотот со фотоволтаични централи. Ниту еден обид за дестабилизација на демократијата нема да успее, затоа и СДС треба да излезе од скутот на ДУИ и да знае дека доаѓа време за одговори и одговорност“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Н.П.